Реклама

30-дневен притвор за Кристијан Корабоски, кој до бесознание ја претепа Сара

Панел-дискусии во Собранието по повод 35-годишнината од донесувањето на првиот Устав

Успешен старт на предвремениот откуп на тутунот – 435 денари за прва класа, најавено зголемување на субвенциите

Реновираниот студентски дом „Кузман Јосифовски – Питу“ ќе биде отворен во јануари, од февруари сместување

„Јавачи на трагедии“: Во отсуство на идеи, СДСМ спасот го гледа во злоупотребата на народниот гнев

35 години Устав на Македонија: Кратка, но и повеќе од бурна историја- до сега менуван осум пати, сега под бугарски притисок за нови измени

Кравите од Крива Паланка стигнаа до НАТО: градоначалникот бара меѓународна помош

АНБ и БЈБ открија проиранска мрежа која обучувала македонски државјани за атентат во Грција

Правда за Сара: Остри реакции од политичките лидери и партии

МКЦ се враќа на старите патеки: Новото издание на МОТ почнува на 18 ноември

Од барање за 30 дена кризна состојба до 10-дневна магија: Како градоначалникот Митовски ќе ги собира кравите во Крива Паланка?

Димитриеска-Кочоска: Буџетот за 2027-ма носи раст и јавен долг под 60% од БДП

Свет

Протестите во Рим: Генерален штрајк против растот на трошоците за живот, ниските плати и воените издвојувања

Со барања за зголемување на платите, намалување на трошоците за живот и…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Со барања за зголемување на платите, намалување на трошоците за живот и кириите, поголеми инвестиции во здравството, образованието и јавните услуги, како и против издвојувањата за вооружување, денеска во Рим се одржува протест во рамките на генералниот штрајк организиран од Синдикалната унија на базата (USB).

На собирот, кој почна на плоштадот Пјаца деи Чинквеченто, се приклучија работници од повеќе сектори, студенти, пензионери и претставници на различни општествени движења.

Под мотото „30 години војна против платите – пари за здравство, образование, домување и пензии“ и со пораката „Ние го создаваме богатството, вие сте крадци на иднината“, демонстрантите ги истакнуваат последиците од растот на цените и долгогодишната стагнација на платите, барајќи промена на економските и социјалните политики на владата на премиерката Џорџа Мелони.

Реклама

Во обраќањето пред присутните, претставник на Синдикалната унија на базата ја повика работничката класа да продолжи со протестите и покрај најавените санкции поради одлуката на синдикатот да не го повлече штрајкот, иако, како што рече, биле воведени ограничувања на правото на штрајк во повеќе сектори.

– Но, нема да застанеме, ниту ќе се откажеме, затоа што сме на вистинската страна. На страната сме на обесправените слоеви од населението, кои страдаат; на страната сме на студентите што немаат иднина; на страната сме на земјоделците, кои се принудени да престанат со сеењето бидејќи, кога ќе ги соберат и продадат производите, не можат да ги покријат ниту трошоците за производство – рече претставник на „USB“.

Упати критики за даночната политика на владата, посочувајќи дека самовработените со годишни приходи до 100.000 евра плаќаат рамен данок од 15 проценти, додека даночното оптоварување за работниците со бруто-плата под 30.000 евра годишно, според неговите наводи, достигнува 33 проценти.

Синдикатот бара основна месечна плата од најмалку 2.000 евра, со дополнителни додатоци и надоместоци, а како дел од барањата ги посочува и подобрувањето на условите за работа, заштитата на работниците и зголемувањето на средствата за јавните услуги.

– Детските градинки се во очајна состојба, училиштата се во очајна состојба, а сепак и оваа година 14 милијарди евра се издвојуваат за големите компании, пред сè за „Леонардо“, која остварува огромни профити од зделки низ целиот свет, вклучително и од продажбата на оружје на нашата армија – порача претставник „USB“.

Се осврна и на проблемот со домувањето во Рим, наведувајќи дека во градот има 37.000 барања за иселување, поврзани со неможноста на граѓаните да ги отплаќаат кредитите или да ги плаќаат високите кирии. Според него, растот на краткорочното туристичко издавање дополнително го отежнува пристапот до домување за локалното население.

Во говорот беше посочена и безбедноста при работа, при што синдикатот побара законско воведување на кривичното дело убиство на работното место. Претставникот на „USB“ рече дека во Парламентот е поднесен предлог-закон за ова прашање, но досега не бил ставен на расправа.

На протестот се обрати и Паоло Черани, претставник на Синдикалната организација на пожарникарите, кој се спротивстави на издвојувањата за вооружување и побара поголеми инвестиции во спасувачките служби, опремата и условите за работа.

– Сите сме тука за да протестираме против овој воен буџет, против издвојувањето 14 милијарди евра за вооружување, кога тие пари без проблем би можеле да се инвестираат во спасувачките служби, во авионите „Канадаер“, во хеликоптери, спасувачки возила и службени објекти – рече Черани.

Предупреди и на состојбата со објектите на пожарникарските служби, посочувајќи дека објектот во Остија бил испразнет и евакуиран поради опасност од уривање. Според него, новиот систем за унапредување и уредување на кариерите во Националниот корпус на пожарникарите предвидува зголемена милитаризација на службата, на што USB се спротивставува.

Протестите се одржуваат во услови на зголемена безбедносна готовност во Италија, откако во изминатите два викенда во повеќе градови беа регистрирани насилни инциденти за време на демонстрации. Министерот за внатрешни работи Матео Пјантедози вчера изјави дека безбедносните сили се подготвени да одговорат на евентуални немири.

– Има причина за загриженост, бидејќи видовме многу подмолен начин на мобилизација на улиците, но тоа не се разликува од она со кое досега се справувавме – посочи Пјантедози.

Насилните инциденти во Милано, Торино, Рим и Болоња го привлекоа вниманието на јавноста по првичните протести на младите против условите во образованието, трошоците за живот и домување, војните и социјалните прашања.

Генералниот штрајк на USB ги опфаќа јавниот и приватниот сектор, вклучително образованието, јавниот превоз и здравството. Во мобилизацијата се вклучени и пристанишни работници, земјоделци, студентски организации и движења за правото на домување, кои бараат пренасочување на јавните средства од воените издвојувања кон социјалните потреби.