Во Србија е прогласен аларм за тероризам по синоќешниот напад пред израелската амбасада во Белград, во кој е убиен малолетник од Шабац. Четиринаесетгодишникот синоќа, околу полноќ, со ножеви нападнал припадник на жандармеријата, кој го обезбедувал објектот. Тој возвратил и го убил напаѓачот. Министерот за внатрешни работи, Ивица Дачиќ, го опиша инцидентот како терористички напад и наложи нивото на закана од тероризам да се крене на највисоко ниво.
Како што соопшти Дачиќ, напаѓачот извикувал „Алаху акбар“, му се нафрлил на припадникот на жандармеријата и го нападнал со два ножа. Тој додаде дека припадникот на жандармеријата го убил напаѓачот во самоодбрана, но и самиот бил полесно повреден.
Напаѓачот веќе бил следен од безбедносните служби и бил приврзаник на Исламска држава. Прогласениот аларм за тероризам на највисоко ниво, според српскиот министер, подразбира зголемена контрола и присуство на полициски сили на локации од посебно безбедносно значење, вклучувајќи ги инфраструктурните објекти и местата каде што се собира голем број граѓани.

