Владата им подава рака на студентите – на маса е нов предлог за субвенционираниот студентски оброк. Наместо платежни картички со парични средства, понудата вклучува ваучери со кои студентите би можеле да плаќаат во пекари, сендвичари и ресторани. Целта е парите наменети за топли оброци навистина да се користат за храна наместо за цигари и алкохол.
„Им понудивме ваучерски систем сличен на оној во Словенија, што беше барање на претходното раководство. Тие ќе можат да го користат тој ваучер во провајдери за храна. Согласно со законските измени од 2023 година, субвенционираниот студентски оброк беше зголемен од 120 на 140 денари. Тогаш. Износот е покачен повеќе отколку што беше инфлациската стапка. Покачувањето од 20 денари ја покрива 2025 година, односно и дел од 2026 година, до нивното ново барање. Од нивното ново барање, за кое заеднички се согласивме, сега разговараме понатаму за тоа што сакаат тие.“ – вели министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Студентите сметаат дека е потребно зголемување на сумата на студентскиот оброк на 200 денари. Решението со ваучери преку апликација го оценуваат како прифатливо доколку истите можат да се користат и во маркетите поради поголем избор на намирници и храна.
„Ние разговаравме и наше мислење е доколку се вклучени и маркетите тоа е прифатливо, но ако се само рестораните, е сметаме дека е во ред мерката. Не зависно како ќе функционираме ние бараме во најбрз можен рок да се зголеми оброкот.“ – вели претседателката на студентското собрание при УКИМ, Ангела Василевска.
Конечниот став студентите ќе треба да го донесат преку интерно изјаснување на онлајн платформа. Со постојното решение секој студент на картичка добива финансиска помош во износ од 140 денари на ден, односно вкупно 840 денари за целата недела. Субвенциите за студентски оброк се само дел од владината стратегија за поддршка на студентите. Во изминатиов период се реализираат повеќе инвестиции за модернизација на студентските домови, но и бројни програми обуки кои треба да го подобрат образовниот стандард.

