На изложбата „Револуција во кадар“ се претставени фотографии на Петар Чулев, Крум Зографов, Петар Ацев, Арсениј Јовков и Пандил Шишков, како и портрети и групни фотографии на кои се наоѓаат Тодор Александров, Александар Протогеров, Ванчо Михајлов и Владо Черноземски. Станува збор за личности поврзани со различни идеолошки струења и организации во македонското револуционерно движење.
Особената вредност на изложбата е во тоа што значителен дел од фотографиите досега не биле објавени, а некои за првпат ги откриваат ликовите на личности познати од историските извори.
Поставката е поделена во три целини. Првата го опфаќа периодот пред и по Илинденското востание, втората се однесува на Балканските војни и Првата светска војна, а третата го проследува меѓувоениот период до 1934 година, обележан со идеолошки поделби и различни револуционерни струења.
„Револуција во кадар“ се надоврзува на изложбата „Лицата на револуцијата“, реализирана пред три години, продолжувајќи го истражувањето и јавното претставување на реткото македонско фотографско наследство.
Билјана Божиновска

