Светското производство на тутун не е загрозено, а Македонија има значајно место, особено поради ориенталните сорти, за кои на светскиот пазар има зголемена побарувачка, па дури и недостиг. Се менуваат начините, технологиите и политиките на производство, преработка и пласман. Ова беше главната порака од вториот форум на Европската асоцијација на одгледувачи на тутун – УНИТАБ, што се одржа во Прилеп. Во Асоцијацијата членуваат 15 земји, меѓу кои од минатата година и македонскиот Сојуз „Мака на тутуноберачите“.
„Главната цел на УНИТАБ е да ги застапува интересите на тутунопроизводителите во Европа. Сите знаеме дека тутунот е политичко прашање во Европа и токму затоа се обидуваме да ги убедиме политичарите дека ние сме законски дел од земјоделството и дека произведуваме висококвалитетен производ, кој е широко познат. Европскиот тутун е познат во целиот свет и се произведува според многу строги правила, исто како и во Македонија“, истакна Шемислав Новорита, генерален секретар на УНИТАБ.
Македонија и македонската Влада добро се справуваат со новите предизвици во тутунопроизводството, оцени Новорита. Тој апелираше до надлежните министерства во европските земји членки на Асоцијацијата да учат од македонскиот модел, кој, според него, е пример за иднината на тутунопроизводството.
Од производството на тутун во земјава, во државниот буџет годишно се слеваат околу 160 милиони евра. Преговорите со тутунопроизводителите за откупните цени се континуирани, а земјоделците добиваат и државна поддршка. Според министерот за земјоделство Борче Серафимовски, годинава откупната цена се очекува да надмине 420 денари за килограм тутун.
„Заедно со тутунарите разгледавме неколку можности за мали измени на директните плаќања за наредната година, со цел да ги подобриме и зголемиме во интерес и корист на самите тутунопроизводители. Во светот сè уште има побарувачка, па дури и недостиг од ориентален тутун, а ние сме еден од поголемите производители“, потенцираше Серафимовски.
На форумот, кој се одржа по 14 години пауза и за првпат во Прилеп, претставници од Италија, Шпанија, Турција, Бугарија и други европски земји дискутираа и за здравствените аспекти од консумирањето тутун и за развојот на електронските цигари. Меѓу главните теми беше иднината на тутунопроизводството и неговото место во земјоделството.

