И малите земји, ако имаат јасна визија, силна економија, стабилни институции, иновативност, технологија, знаење и таленти, може да се позиционираат на глобалниот, светски пазар. Пример за тоа е Швајцарија. Македонија е исто така мала, географски слично позиционирана – како крстосница меѓу важни економии во Европа, со голем потенцијал и со силни страни, кои треба да ги искористи – беше речено на денешниот форум за глобална трговија и раст 2026, што се одржа во Скопје.
Како што истакнаа учесниците, живееме во ера на зголемена меѓународна конкуренција и редефинирање на глобалните синџири на снабдување. Ефикасната логистика, пристапот до новите пазари и извозната конкурентност веќе не се само предност, туку претставуваат апсолутна неопходност за одржлив економски раст.
Форумот ги обедини бизнисот, академската заедница и институциите, кои укажаа на потребата од што поголем дијалог меѓу приватниот и јавниот сектор, но и на што поинтензивно вмрежување и заеднички настап, а клучна тема беше обликувањето на македонската економија низ призмата на глобалната поврзаност.
Амбасадорот на Швајцарија, Кристоф Зомер, порача дека Македонија треба да ја искористи својата географска позиција, која ѝ овозможува да биде мост и крстопат на важни економии во Европа и на Балканот, и да продолжи да го гради својот успех преку отвореност, претприемаштво и меѓународни партнерства – порача денеска тој.
Денес, рече Зомер, конкурентноста сè повеќе зависи од врските помеѓу производителите и потрошувачите, инвеститорите и претприемачите, локалните компании и меѓународните пазари.

– Нашите две земји како мали до средни економии научија да гледаат преку границите на своите пазари. И Македонија и Швајцарија заземаат важни геостратешки позиции на крстосници поврзувајќи ги регионите, луѓето и пазарите, дури, како што беше кажано предмалку, и без пристап до море. Со векови Швајцарија служеше како порта поврзувајќи ги разните делови на Европа преку главните трговски и транспортни територии. Македонија игра слична важна улога во Југоисточна Европа поврзувајќи ги регионалните пазари и олеснувајќи го движењето на стоки, луѓе и идеи. Да се биде на крстосница е повеќе од географски факт, тоа е и економска можност, прашање на отпорност и сигурност. За земји како нашите, трговијата не е само еден сектор меѓу многуте, тоа е суштински двигател на раст. Трговијата создава можности, инвестициите поттикнуваат иновации, а пристапот до поголемите пазари им овозможува на бизнисите да растат, да се натпреваруваат и да го достигнат својот конечен, полн потенцијал – истакна амбасадорот.
Според него, искуството на Швајцарија покажува дека долгорочниот економски успех почива на неколку фактори: висококвалитетни производи и услуги, солидна инфраструктура, вешта работна сила, силни институции, отвореност за иновации и сигурни меѓународни партнерства.
– Зад овие фундаменти стојат вредности што долго го обликувале пристапот на Швајцарија кон бизнисот и меѓународната соработка: квалитет кој создава конкурентност, сигурност што гради доверба, иновации што создаваат нови можности и долгорочни партнерства, кои создаваат траен просперитет. Овие вредности се особено релевантни во време на брзи економски и технолошки промени и геополитички превирања. Пазарите се развиваат, технологиите напредуваат, глобалните моќни динамики се менуваат и синџирите на снабдување се адаптираат. Сепак, бизнисите продолжуваат да бараат сигурни партнери и долгорочна соработка. Ова се исто така размислувања што сè повеќе го карактеризираат бизнис-односот што се развива тука, во Северна Македонија – напомена Зомер.
Швајцарија, додаде, останува посветена на интензивирање на економското партнерство со Македонија.
– Со додадената вредност што можеме да ја донесеме ќе продолжиме да ги поддржуваме иницијативите што ја зајакнуваат конкурентноста, поттикнуваат иновации и шират пазарни можности. Како што имавме можност да дискутираме за време на нашата претседателска посета тука минатиот април, ние сме исто така подготвени да понудиме решенија кога станува збор за инфраструктурата во транспортот и логистиката. Економската соработка, подобрената продуктивност, врвната инженерска технологија, новите инвестиции и развојот на приватниот сектор стануваат сè поважни карактеристики на нашата ангажираност во земји како Македонија. Можноста е јасна. Предизвикот е да ги претвориме дискусиите во посилни бизнис-односи што ќе им користат на двете земји – истакна амбасадорот.
Иако засега размената меѓу двете земји е скромна, постои, рече, добра можност за унапредување на односите во сферата на дигитализацијата, ИТ-секторот, инфраструктурата и логистиката.
Според претседателката на „Свис чем“, Соња Стефановска, Швајцарија докажа дека и малите земји со јасна визија, силни економии, стабилност на своите институции, иновативност, технологија, знаење и таленти, може да се позиционираат на глобалниот, светски пазар.

– Ние во Македонија имаме квалитетен кадар, амбициозни компании и голем потенцијал. Но сакаме да видиме што ни недостига и на тоа да се фокусираме. Ни недостигаат можеби вмреженост и заеднички настап. Како земја треба да се фокусираме на нашите предности, на силните страни, тоа да ги истакнеме и да го искористиме. Мислам дека бизнисите почнуваат полека да размислуваат за заеднички настап. Веќе имаме вмрежување со швајцарски комори, кои се многу заинтересирани за настап во Македонија, особено со последните глобални трендови и политички случувања, гледаме дека сè што порано било офшоринг, сега станува ниршоринг, сите бараат партнери за поблиско снабдување со репроматеријали. Талент имаме, можеби во последните години забележуваме дека имаме одлив на мозоци од Македонија, дека имаме недостиг на работна сила, но работиме засилено со Швајцарија на оспособување на нашите млади за полесно вработување, на нивно приближување до деловната заедница, но и на тоа да им дадеме мотив да останат во земјата – изјави Стефановска.
Осврнувајќи се на денешниот форум, чие мото беше „Локална сила, глобален импакт“, рече дека целта е да се согледаат сите предизвици, да се отворат нови мостови на соработка, кои ќе дадат резултати во претстојните години преку засилено вмрежување со голем број државни институции во Швајцарија, со комори и со академската заедница, како и да се зајакнат локалните бизниси за што поконкурентен настап во Швајцарија, но и за привлекување странски инвестиции.

