Се бира наследник на Ислам Абази. На тајно и неспоредно гласање 188 обвинители го бираат новиот шеф на Организиран криминал и корпција. Во трката се петмина кандидати. Се гласа на пет локации односно во Републичкото обвинителство и на четирите подрачја во Вишите обвинителства во Скопје, Гостивар, Битола и Штип.
За наследник на досегашниот шеф Ислам Абази во трка се двајца обвинители од скопското Вишо Јован Цветановски и Трајче Пеливанов, обвинителката од скопското обвинителство Лидија Раичевиќ, и обвинителите од ОЈО за ГОКК, Искра Хаџи Василева и Фатон Азизи.
Членот на изборната комисија во Јавното обвинителство Елвин Вели рече дека гласањето се одвива непречено.
- „Изборниот процес започна во 8 часот и непречено се одвива. До моментот на давањето на изјавата гласаа 10 од вкупно 11 обвинители запишани на избирачкото место во Јавното обвинителство“ – рече Вели.
За републичкиот обвинител, сите петмина кандидати се докажани професионалци и имаат капацитет да го раководат ова обвинителство. Значењето на ОЈО ГОКК е важен и за имиџот на нашата земја рече Савески.
- „Ова е значаен процес бидејќи обвинителската фела одлучува кој ќе раководи со ова Oбвинителство. Се надевам дека избраниот јавен обвинител доследно ќе одговори на задачите што стојат пред него и дека заеднички ќе придонесеме за зајакнување на довербата во институцијата и за јасно покажување ефикасна борба против организираниот криминал и корупцијата“ – изјави Савески.
Победникот од изборите ќе го соопшти Комисијата од Советот на јавните обвинители. Токму таму сите петмина кандидати се претставија и уверуваа како би работеле како главни обвинители во Организиран криминал.
Во фокусот на нивните програми беа јакнењето на истражните капацитети, борбата против корупцијата и перењето пари, финансиските истраги, ефикасноста во постапувањето и поголемата независност на обвинителството.
Новиот шеф ќе се соочи и со предизвикот да одлучува за предметите што останаа нерешени од претходното раководство. Меѓу нив е и предметот за набавката на мазут, за кој Вишото обвинителство го врати во живот.

