Можеш ли да препознаеш што е вистина, а што е лага на интернет? „Escape Fake“ е интерактивна игра со проширена реалност преку која младите учат да препознаваат лажни вести, манипулирани фотографии и дезинформации, сега е достапна и на македонски и албански јазик. „Јуроп хаус“ соопшти дека играта е бесплатна, може да се игра на мобилни телефони и таблети, а покрај двата јазици е достапна и на осум други европски јазици.
-Во време кога дезинформациите и содржините создадени со вештачка интелигенција стануваат сè потешки за препознавање, Јуроп хаус ги повикува младите да ги тестираат своите вештини за критичко размислување преку игра. Наместо традиционални предавања, „Escape Fake“ нуди интерактивно искуство во кое играчите истражуваат сомнителни информации, решаваат загатки и откриваат како дигиталните содржини можат да бидат манипулирани за да влијаат врз нашите ставови и одлуки – посочуваат од „Јуроп хаус“.
Како дел од Деновите на медиумска писменост 2026, од 26 до 30 октомври „Јуроп хаус“ организира интерактивни работилници за средношколци, на кои учениците имаат можност да ја испробаат играта и преку практични примери да научат како да препознаваат дезинформации.

Развиена во Европската Унија со поддршка на програмата „Креативна Европа“, „Escape Fake“ ги води играчите низ интерактивно патување во светот на дезинформациите.
-Со помош на Хана, етички хакер и историчар, играчите истражуваат две мисии. Во „Музеј на дезинформации“ откриваат историски фалсификати, манипулирани фотографии и „дипфејк“ содржини, додека во „Ситуација во автобусот“ истражуваат вирална лажна приказна, проверуваат извори и учат да препознаваат фишинг, сомнителни профили на интернет и дигитални манипулации – соопшти „Јуроп хаус“.
Во рамки на работилниците, учениците имаат можност да учествуваат и во дискусии и практични вежби преку кои искуството од играта го поврзуваат со секојдневните ситуации на социјалните мрежи. Целта, како што се наведува во соопштението, е младите да се охрабрат да ги преиспитуваат информациите што ги гледаат на интернет, да ги проверуваат изворите пред да споделат содржина и да развиваат вештини за носење информирани одлуки во дигиталниот свет.
-Преку оваа иницијатива, Јуроп хаус и Делегацијата на Европската Унија сакаат да покажат дека учењето за медиумската писменост може да биде интересно, интерактивно и достапно за сите. Препознавањето на дезинформациите не е само корисна вештина, туку и важен дел од одговорното учество во дигиталниот свет. Подготвен си да ги разоткриеш лажните вести? Јуроп хаус ги повикува младите, учениците и сите заинтересирани да ја испробаат „Escape Fake“, да ги тестираат своите знаења и преку игра да откријат како да се заштитат од дезинформации и манипулации на интернет. „Escape Fake“ е бесплатна и достапна за сите заинтересирани. Преземете ја апликацијата и започнете со играта. Сите потребни информации се достапни на https://europehouse.mk/ – посочуваат од „Јуроп хаус“.

