– Тим од повеќе министерства и од Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) работи на правилник за електрични автомобили, но истовремено се изготвуваат и посебни мерки во однос на електромобилноста во државата. Како што информира денеска вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, за две до три недели, кон средината на ноември, ќе биде организиран состанок со компаниите од оваа сфера за да се продискутираат најдобрите решенија.
Според Николоски, електромобилноста е еден од приоритетите на Владата, особено ако се земе предвид зелената транзиција. Еден пилот проект е веќе готов, го работи германска консултантска куќа за новиот автопат Скопје – Блаце кој Владата сака да е целосно електричен (зелен). Таа студија ќе биде применета во изградбата на автопатот што почна да се реализира пред два месеца.
– Ова е еден од приоритетите, особено имајќи предвид што се случува не само со цената на горивата каде што се обидуваме да држиме најниски цени во регионот, туку и со достапноста на горивата, имајќи ги предвид кризите што се случуваат. Ние немаме проблем со снабдување, но никој не може да предвиди што ќе се случува во иднина и затоа зелената транзиција е исклучително значајна. Во однос на правилникот, го работиме заедно неколку ресори (транспорт, енергетика, економија) и РКЕ. Дефинитивно тоа е нешто што ќе биде усвоено и паралелно подготвуваме одредени мерки кои треба да се во оваа насока – доколку сакаме да имаме зелена транзиција, мора да ги стимулираме луѓето да се насочуваат кон ваков тип возила. Кога ќе сме готови? Очекувам да не е повеќе од две до три недели, средина на ноември ќе ве поканиме сите од овој бизнис заеднички да поразговараме, да имаме состанок, за да видиме кои би биле најдобрите решенија. Сакаме да слушнеме од вас, зашто вие секој ден сте во оваа работа и далеку подобро знаете што е потребно на пазарот, рече Николоски, одговорајќи на прашање на денешниот настан што го организираше Македонско-германското стопанско здружение.
Како што беше речено, просечната старост на возилата во Македонија е 20 години.

