Надлежните се фокусирани на реализација и на клучните енергетски проекти. Гасоводот кон Грција се гради со засилено темпо, а се очекува наскоро да започне со градба и интерконекторот кон Србија.
Гасниот коридор Север–Југ ќе биде готов до 2028, но кракот до Грција следната година. Според Министерството за енергетика, досега се испорачани цевки во должина од 64 километри, од вкупната должина на гасоводот кон Грција, која изнесува 68 километри.
18 километри цевки веќе се под земја, а заварени се уште 43 километри, со што и тие за брзо ќе се постават во ров. Експропријацијата е реализирана 97 проценти, а завршувањето на проектот е планирано за средината на 2027 година.
Во меѓувреме, започнати се подготовките и за интерконекторот со Србија, кој е предвидено да биде долг 23 километри на македонска територија. По склучувањето на договорот на 27 август 2026 година, почнаа активностите за утврдување на трасата и изработка на проектната документација.
Кракот од Македонија до Грција се гради со инвестициски грант и заем од Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој. Конекцијата до Србија ќе се реализира со средства од државата, а ќе ја финансира НОМАГАС.
Паралелно се вршат сервисирање, проверка на интегритетот и сушење на гасоводните делници Клечовце–Неготино и Неготино–Битола, по што истите активности треба да продолжат и на делницата Скопје–Тетово–Гостивар. Трите делници се долги вкупно 277 километри, а техничките проверки се неопходни за нивно безбедно пуштање во употреба.

