Плаќање по работен час наместо месечна плата. Работодавачите, синдикатите и Владата седнаа на маса да го разгледаат предлог-моделот на исплата на платите во Македонија. Од Конфедерацијата на слободни синдикати велат дека е време за нов договор меѓу трудот и капиталот, како и промена на методологијата за исплата на минималецот, односно тој да се исплаќа по сработен час, поради различниот број работни денови во месеците.
„Време е за промена на методологијата за минималната плата и претворање на минималната плата во минимален работен час. Од причина што секој месец имаме различен број на работни денови. Ако земеме февруари со 20 и јули со 23, знаеме дека работниците работат три дена повеќе во јули“, изјави Благоја Ралповски од Конфедерација на слободни синдикати.
Од Владата велат дека се прават анализи и дека предлогот посериозно ќе се разгледува, бидејќи ваквиот модел би можел да влијае врз организацијата на работата, продуктивноста и економскиот раст. Оттаму посочуваат дека се отворени за дијалог со синдикатите и работодавачите, со цел да се најде решение што ќе придонесе за повисоки плати и подобар животен стандард на работниците, како и раст и развој на економијата. Владиниот став е дека растот на платите треба да биде поврзан со економскиот раст, продуктивноста, индустрискиот развој и растот на БДП-то.
„Ние сме отворени за разгледување на како Влада и како Министерство за економија и труд, за, околу промените на постојаната формула, за минимална плата, дали таа би останала или би се променила. Меѓутоа тоа треба да се прави низ конструктивен дијалог меѓу трите партнерски страни во Економско-социјалниот совет, тоа се покрај претставниците на Владата, синдикатите и организацијата на работодавачите“, изјави Марјан Ристески – заменик-министер за економија и труд.
И од Организацијата на работодавачи го делат ставот дека минималната плата треба да се разгледува во контекст на економскиот раст, а не само преку растот на просечната плата и инфлацијата. Првиот човек на организацијата вели дека евентуалното прифаќање на новиот модел не би значело неограничена слобода за работодавачите да го определуваат работното време, туку би морало да се постават јасни правила.
„Тука може да се направат одредени измени, но тоа не значи дека работодавачот може слободно колку сака работникот да го натера да работи, да работи 12 часа, 10 или 5 или два. Мора да има период во кој ќе се усогласи тоа“, изјави: Ангел Димитров од Организација на работодавачи
Од Сојузот на стопански комори, од каде што и потекна иницијативата, велат дека со новиот модел на исплаќање плати, компаниите ќе имаат поголема флексибилност во организацијата на работата и дека ќе се зголеми продуктивноста на работниците.
„Има естимација одредена, студија на работа направена, дека во Македонија од осум часа само 3,5 до 4 часа се работи. Самата часовнина ќе ги потенцира вработените кои се работливи и продуктивни. Зошто? Затоа што ќе одреди ситуација самиот вработен во дадена ситуација ќе рече: „Јас за четири часа на ова место ќе ја завршам работата“, па потоа на друго место може да работи уште четири и да земе дупла плата“, изјави Горан Ѓорѓиевски – Сојуз на стопански комори.
Од комората посочуваат дека плаќањето по час би требало да обезбеди јасно утврден минимален износ, без тоа да значи автоматско намалување на заработката на работниците. Според нив, ваквиот модел би можел да овозможи пофлексибилно работно време, вклучително и пократка работна недела, доколку тоа го дозволуваат работните обврски и законските услови.

