Приватната клиника „Санте Плус“ неофицијално развила шема на двојна наплата за операции, преврски и други услуги и истовремено земала пари и од Фондот за здравство и од џебот на граѓаните. На овој начин државниот буџет е оштетен за 1,5 милиони евра, а клиниката успеала да заработи вртоглави 4 милиони евра.
Неофицијално, првосомничен е поранешниот директор на Фондот за здравство Ден Дончев за злоупотреба на службената положба, несовесно работење во службата, измама и перење пари. Според првичните информации, истрагата се однесува на финансиски злоупотреби и незаконски исплати од Фондот за здравство кон приватна болница.
Министерот за здравство Сашо Клековски делумно откри детали за акцијата. Тој вели дека на истрагата се работела повеќе од една година. Тој бил иницијатор за истрагата бидејќи како поранешен диртектор на Фондот утврдил дека иако приватната болница имала договор со Фондот но не работела прописно, и за тоа, не била казнувана. Во истрагата прдонес дале и други институции, Агенцијата за лекови и државниот санитарен и здравствен инспекторат.
„Значи, не е еднаш, двапати, трипати. Туку постојано повторување на слични прекршоци за кои не било соодветно казнувана. Јас предложив на Комисијата за прекршоци да прифати да се раскине договорот со таа Здравствена установа за да се прекина ланецот на неказнивост. И истовремено побарав да се отвори истрага заедно со Секторот за контрола на Фондот за здравство кој напорно работеше да се завршат сите работи“, рече Клековски.
Акцијата е во тек. Полицијата заедно со истражители на Обвинителството за организиран криминал врши претреси на повеќе од 10 локации во Скопје, Тетово и Куманово,
Неофицијално во истрагата се опфатени поранешни и сегашни раководни лица од Фондот, меѓу кои поранешниот претседател на Управниот одбор, како и раководители на Секторот за контрола и на скопската подрачна единица. Меѓу осомничените се и поранешни и актуелни управители, сопственици и директори од приватната болница „Санте Плус“. Министерот за здравство Клековски, потврди дека во акцијата се опфатени три лица од Фондот и двајца од болницата.
Се очекува Обвинителството за гонење на организиран криминал и полицијата да излезат со официјални информации откако ќе завршат претресите и акцијата.
Ова не е прв случај во кој се споменува контроверзната болница Санте Плус. Пред две и пол дгодини Државниот санитарен и здравствен инспекторат ја затвори нивната амбуланта во Гостивар бидејќи работела без соодветна лиценца и дозвола од Министерството за здравство.

