Албанската Влада усвои пакет мерки за борба против насилството на протестите, вклучувајќи казни до 5.500 евра. Највисоката казна е предвидена за лице кое не почитува полициска наредба за растурање на собир и го крие својот идентитет. За други прекршоци се пропишани пониски казни.
Полицијата ќе може привремено да забрани или ограничи собири во близина на образовни, здравствени и државни институции доколку постои реален, сериозен и непосреден ризик од насилство или голема материјална штета. Ограничувањето може да трае до 72 часа и може да се продолжи еднаш.
За повици за насилство на социјалните мрежи, полицијата може да побара отстранување на содржината. Доколку објавата не се отстрани или дејството се повтори, полицијата може да преземе мерки согласно важечките закони.
Владата, исто така, најави државна отштета за малите бизниси кои претрпеле штета од вандализам, грабежи или палење за време на протестите. Премиерот Еди Рама, за антивладините протести кои траат со месеци, обвини „странски актери“.

