Тече рокот за приговори до Советот на јавните обвинители по објавените резултати од изборите за шеф на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Кандидатите кои сметаат дека изборниот процес не бил спроведен согласно законите можат да се пожалат до Советот, кој ќе треба веднаш да одлучи дали ќе ја прифати жалбата.
Инаку, најмногу гласови освои Искра Хаџи Василева, која на функцијата шеф на ОЈО ГОКК треба да стапи на 14 ноември, кога му завршува мандатот на досегашниот прв човек на ова обвинителство, Ислам Абази. За Хаџи Василева гласале 64 обвинители, а веднаш зад неа, со освоени 57 гласа, е обвинителот Трајче Пеливанов. Јове Цветановски освоил 30 гласа, Фатон Азизи 14, додека Лидија Раичевиќ добила шест гласа.
Хаџи Василева, по завршувањето на Академијата за судии и јавни обвинители, обвинителската кариера ја започнува во 2016 година во Основното скопско обвинителство, а во ОЈО ГОКК преминува во 2024 година. Покрај предметот за Ѓоко Ристов, од актуелните високопрофилни предмети го води и случајот против ексдиректорот на Земјоделскиот инспекторат, Васе Анакиев.
Нејзината предизборна програма, со која бараше мандат од колегите, се темели на четири столба – ефикасност и ажурност во постапувањето, финансиски истраги и конфискација на имот, зајакнување на капацитетите и дигитализација, како и транспарентност и јавна доверба.

