Шест квартали едноподруго македонската економија бележи раст, а позитивни движења има и во индустриското производство. Во услови на глобални економски неизвесности, енергетски предизвици и намалена побарувачка на европските пазари, најновите податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека македонската економија не само што е агилна, туку демонстрира капацитети за одржлив и засилен развој. За премиерот Мицкоски, ваквите резултати се повеќе од охрабрувачки за државата и за граѓаните:
„Охрабрува податокот дека и индустриското производство во месец септември, што е последен месец во третиот квартал, порасна за 2,4% и сега во третиот квартал имаме зголемено индустриско производство, во услови кога имаме малтене тивка трета светска војна што се случува во светот, поради ова со енергенсите и во услови кога имаме намалена побарувачка поради пазарите и финансиски и оние кои се поврзани со потрошувачката кај нашиот најголем трговски партнер, Европската Унија. Секогаш може и подобро и одиме подобро, но ова е најдобриот резултат во регионот и еден од најдобрите во Европа, што претставува повторно лоша вест за нашата опозиција, којашто би била најсреќна и би се радувала доколку ние потонеме во политичкото мочуриште коешто тие се обидуваат да го наметнат“, изјави Христијан Мицкоски – претседател на Владата на Македонија.
Какви се движењата на домашната економија отсликува извештајот на Државниот завод за статистика. Позитивните трендови траат уште од 2024 година, кога економијата порасна за 3%. Лани тој достигна 3,8%, а годинава трендовите се уште подобри. Последниот податок за вториот квартал годинава заврши со раст на бруто-домашниот производ од 4,3%. Ваквиот тренд е уште позначаен ако се гледа во номинална вредност, но и според податокот колку е зголемен бруто-домашниот производ по глава на жител. Лани тој достигнал 9.859 евра. Ваквиот тренд, според премиерот Мицкоски, е само потврда дека поставените цели во економијата не само што се остваруваат туку и се надминуваат.
„3,8%, за 2024 растот е нивелиран од 3 на 3,8%, а во 2025 од 3,5 на 3,8%, но она што е поважно, нашата цел е номиналниот бруто-домашен производ на крајот од мандатот на оваа влада да биде 20 милијарди долари. Тој е веќе постигнат во 2025 година, значи оваа година растеме уште побргу и сега имаме нова амбиција да имаме 22 милијарди долари, но ќе видиме како ќе биде оваа година. Досега првата половина е над очекувањата, како ќе биде понатаму, ќе видиме“, изјави Христијан Мицкоски – претседател на Владата на Македонија.
Дека македонската економија покажува солидни перформанси во услови на глобални предизвици, позитивни оценки дадоа и Светската банка, Меѓународниот монетарен фонд, но и Европската комисија. Во сите нивни извештаи се нотира напредок и потенцијал тој да продолжи. Македонската економија веќе подолг период е меѓу првите пет во Европа по економскиот раст, а она што дополнително охрабрува е што и во делот на инфлацијата бројките кај нас се безмалку двојно пониски од европскиот просек.

