Милиони луѓе ширум светот се соочуваат со масовни прекини на услугите на „Мајкрософт“, вклучувајќи ги алатките како што се „Аутлук“, „Тимс“ и „Копилот“, во глобален прекин што трае повеќе од 10 часа. Иако експертите предупредуваат дека ова би можело да се претвори во еден од најлошите прекини во историјата, со штета од милијарди долари, „Мајкрософт“ ги отфрли сомневањата за хакерски напад и изјави дека работи на решение.
„Мајкрософт“ вели дека не станува збор за сајбер-напад, туку за проблем во сопствената инфраструктура, поточно, „зголемено оптоварување“ во неколку региони. Како што објаснија, проблемот не бил предизвикан од премногу корисници, туку затоа што одреден број сервери неочекувано престанале да работат, па преостанатите сервери се преоптовариле и едноставно не можеле да ги обработат сите барања.

