Пратениците Љупчо Пренџов и Борче Цветков учествуваат на Глобалната парламентарна конференција за човекови права што се одржува на 12 и 13 ноември 2026 година во Женева, Швајцарија. Конференцијата со наслов „Заштита на човековите права во време на пореметувања” е организирана од страна на Интерпалраментарната унија (ИПУ).
Како што информира собраниската прес-служба, настанот се одржува во седиштето на Меѓународната федерација на здруженијата на Црвениот крст и Црвената полумесечина. На него учествуваат парламентарци од целиот свет што работат на унапредување и заштита на човековите права.
Конференцијата е наменета за членови на парламентарни работни тела што се занимаваат со човекови права, правда, родова еднаквост, демократија и социјални работи. Во расправите се вклучени и претставници од системот на Обединетите нации, национални институции за човекови права, академската заедница и граѓанскиот сектор.
-Конференцијата беше отворена од страна на Анда Филип, генералн секретар на ИПУ. Првиот ден имаше дијалог на високо ниво за тоа како парламентите ги бранат човековите права. Во него ќе учествуваат претседателот на Советот за човекови права на ОН, амбасадорот Сидарто Реза Суриодипуро, и претседавачот на Поткомитетот за човекови права во Европскиот парламент, Мунир Сатури. Потоа се одржаа сесии за тоа како меѓународните обврски се претвораат во национални мерки преку универзалниот периодичен преглед и договорните тела на ОН, како и за човековите права во време на вештачка интелигенција. Првиот ден заврши со сесии за слободата на изразување на интернет и надвор од него и за тоа како се штитат пратениците од заплашување и насилство во политиката, соопштија од Собранието.
Вториот работен ден, дискусиите се фокусираа на правата на децата, миграцијата и човековите права, правата на лицата со попреченост и инклузивните демократии. Пред крајот на Конференцијата, беа претсавени заклучоците и препораките, а високиот комесар на ОН за човекови права, Фолкер Тирк, имаше обраќање додека Анда Филип ја затвори конференцијата.
Сесиите се реализираа во форма на разговори меѓу модераторите и панелистите, а не како формални и однапред напишани излагања. Учесниците ги пренесоа искуствата од своите парламенти и разменија примери од работата, особено за законодавни иницијативи, надзор и поголемо вклучување на парламентите во меѓународните процеси за човекови права.

