Новиот Кривичен законик, кој се носи по повеќе од три децении чекање, ќе почне да функционира само ако судството почне да работи, односно да се казнува, постапките да бидат брзи и да не се дозволува застарување на кривичните дела. Претседателот на Уставниот суд, Костадиновски, смета дека мора да се коригираат измените кои беа направени во 2023 година и кои нанесоа тежок удар на правната држава.
„Последните измени на Кривичниот законик, со кои на некој начин се легитимираше неказнивоста, ги нареков тежок удар на правната држава. Тежок удар на правната држава. Се надевам дека тие грешки што беа направени пред неколку години ќе бидат исправени во тој“ – вели Дарко Костадиновски, претседател на Уставниот суд на Македонија.
„Иако го немам видено предлогот, меѓутоа, како што се предлагаат одредени новини, повторно, повторно значи се оди на неказнивост, бавно решавање на предметите, одолговлекување на постапките, сè со цел да настапи застареност на кривичните дела, што е мошне штетна појава“ – вели Осман Кадриу, уставен судија.
А проблемите во правосудството директно се одразуваат и врз довербата на граѓаните. Таа е сведена на само два проценти, а според оценките на Кадриу, постои опасност да биде и уште пониска.
„Дека довербата е ниска, мошне ниска, зборува фактот што довербата е доведена на два проценти и со тенденција да биде уште пониска. Значи, да се спушти и во минус. А видете, прашањето на довербата, односно недовербата, се однесува и се одразува на непочитување на правото. Кај нас, во нашата земја и во другите соседни земји, али посебно во нашата земја, правото е во криза. Правото е во криза кога не се почитува, неправилно се применува“ – вели Кадриу.
Дополнителен предизвик за Уставниот суд е и нецелосниот состав. Во моментов има осум од предвидените девет судии. Додека не се пополни испразнетото место, нема да се отвораат најчувствителните предмети, за кои е потребен целосен состав. Овие прашања, заедно со предизвиците за владеењето на правото и независноста на уставното судство, се во фокусот на четвртиот годишен состанок на Балканскиот форум на уставните судови, кој се одржува во Охрид.

