Скопје денеска одбележува 82 години од ослободувањето од фашистичката окупација, настан што се случил на 13 ноември 1944 година, по неколкудневни жестоки борби на единиците на Народноослободителната војска и партизанските одреди на Македонија.
По повод Денот на ослободувањето на градот, делегации положија цвеќе пред Споменикот на ослободителите на Скопје на Партизанските гробишта во Бутел, на гробот на генералот Михајло Апостолски во Алејата на заслужните граѓани на гробиштата во Бутел, како и пред Споменикот на ослободителите на Скопје пред зградата на Владата. Од Град Скопје информираат дека вечерва во Македонската опера и балет ќе се одржи и свеченото доделување на наградата „13 Ноември“.
Ослободувањето на Скопје започнало на 13 ноември 1944 година, кога во градот влегле борците на 42. и 50. Народноослободителна дивизија на Македонската војска и 16. Македонска бригада. Претходно, неколку дена се воделе жестоки борби против фашистичкиот окупатор. Во текот на борбите, македонските борци ја спасиле хидроцентралата „Матка“ од уништување, а граѓаните учествувале и во одбраната на Камениот мост, кој окупаторските сили планирале да го минираат.
Во борбите за ослободување на Скопје загинале повеќе од 420 борци. За време на Втората светска војна, пак, животот го загубиле околу 4.600 жители на градот. Сеќавањето на нивната жртва и денес останува потсетник на цената на слободата.

