СДСМ И ДУИ се самоамнестираа, а актуелната Влада крои кривични закони кои ќе важат за функционери од оваа, но и од сите идни влади. Премиерот Мицкоски потенцира дека скроените законски решенија кои веќе се испратени на мислење во Брисел и објавени на ЕНЕР со цел јавноста да има увид во текстовите, е радикално поинаква стратегија за справување со високата корупција во државата. Вели дека ако СДСМ и ДУИ тоа си го носеа набрзина со злоупотреба на европското знаменце, сега се носи транспарентно со вклученост на сите страни. Мицкоски вели дека целта на претходната власт била двојна. Едната е самите да се заштитат од сомненијата за сторен криминал, а втората преку политичка амнестија на поранешни структури од ВМРО-ДПМНЕ да обезбедат поддршка за уставните измени.
„Секогаш кога ќе слушнете од ДУИ и од СДСМ да ви зборуваат за борба против криминал и владеење на право, тогаш треба да се сетите дека токму тие се тие кои го нанесоа фаталниот удар на владеењето на правото и борбата против криминалот и корупцијата. Секогаш кога ние зборуваме за владеењето на правото и борбата против криминалот и корупцијата, сетете се дека оваа Влада во Брисел ги испрати овие два закони кои важат за оваа, а не за претходната Влада, рече премиерот Мицкоски.
Во однос на новото кривично дело кое се однесува на загрозување на стабилноста на банкарскиот систем, по пат на неосновано ширење во јавност на неточни информации, премиерот вели дека е додадено во новиот законик поради искуството што досега сме го имале. Како пример го посочи обидот на СДСМ да го опструира решението за Алта банка. Потсети и на ситуација од 2016 година со техничката влада, кога, како што вели, тогашниот заменик-министер Кире Наумов испраќал писма во странство и ја кодошел сопствената влада, па поради тоа доверителите ги зголемиле каматите, а емисијата на еврообврзницата ја чинела државата неколку милиони евра повеќе.
Тоа е дел којшто е додаден како резултат на искуството коешто сега го гледаме – искуството со Стопанска банка АД Битола. На отворена сцена имаме обид да се опструира решение од политичка структура, да помине ладно и неказнето. Во 2016 година, кога имавме техничка влада, заменик-министерот испраќаше писма во светот и емисијата на еврообврзници нè чинеше неколку милиони евра повеќе. Доверителите ги кренаа каматите, бидејќи одлучил Кире Наумов да си ја кодоши сопствената влада во светот. Тоа го прави и оваа гарнитура кај опозицискиот СДСМ. Ова е добра форма за да не се случува да се злоупотребува, вели премиерот Мицкоски.
Министерството за правда ги објави на ЕНЕР нацрт верзиите на Кривичниот законик и Законот за кривична постапка, со што граѓаните и стручната јавност можат да ги видат текстовите и да дадат свои предлози. Истовремено, двата закона се испратени на мислење и во Европската комисија, а во наредниот период за нив ќе се организираат и јавни расправи.

