Се пролонгира почетокот на „ЕТИАС“, новиот европски електронски систем за претходно одобрување патувања, кој ќе важи и за македонските државјани при патувањата во земјите од Европската Унија. Иако првично беше најавен за последниот квартал од оваа година, системот се очекува да профункционира во 2027 година, но од Европската Унија потврдуваат дека сè уште нема конкретен датум за неговото официјално активирање.
Кога конечно ќе стапи во сила, „ЕТИАС“ ќе се применува при краткорочни патувања во 30 европски земји, вклучувајќи ги Шенген-зоната и Кипар, со цел однапред да се проверуваат патниците и да се зголеми безбедноста.
По активирањето на системот, македонските граѓани ќе треба електронски да поднесат барање преку официјалната интернет-страница или апликација. За апликацијата ќе се плаќа надомест од 20 евра, додека лицата помлади од 18 години и постари од 70 години ќе бидат ослободени од плаќање.
Одобрението ќе важи три години или до истекот на пасошот и ќе овозможува повеќекратни патувања со престој до 90 дена во период од 180 дена.
Од ЕУ најавуваат дека јавноста ќе биде информирана навреме, неколку месеци пред воведувањето, кога точно ќе профункционира системот.
Дотогаш, македонските граѓани немаат никаква обврска да аплицираат ниту да плаќаат, а безвизниот режим продолжува да важи непроменето.

