Генералниот директор на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) м-р Златко Перински денеска се сретна со новоизбраниот претседател на Лекарската комора проф. д-р Никола Јанкуловски.
Средбата се одржа во Фондот и беше посветена на унапредувањето на меѓуинституционалната соработка, тековните преговори за склучување договори со приватните здравствени установи и прашањата од заеднички интерес за лекарската професија и здравствениот систем. На средбата позитивно беше оценет досегашниот конструктивен дијалог во рамките на преговорите за склучување договори со приватните здравствени установи за 2027 година. Двете страни ја истакнале важноста од отворена комуникација, меѓусебно почитување и разгледување на ставовите и предлозите во рамките на надлежностите и одговорностите на секоја институција, соопштија од ФЗО.
Како конкретен чекор кон продлабочување на соработката, посочуваат од Фондот, договорено е од јануари 2027 година да започнат со работа заеднички работни групи, со поддршка на Светската здравствена организација (СЗО), чија задача ќе биде сеопфатна анализа на постојната здравствена регулатива и нејзината практична примена.
Работната група ќе ги разгледува постојните нормативни решенија, ќе ги идентификува административните и процедуралните предизвици со кои се соочуваат здравствените работници и ќе предлага конкретни подобрувања. Посебен акцент ќе биде ставен на поедноставувањето на административните постапки, поголемата ефикасност во работењето и создавањето услови лекарите да посветуваат повеќе време на пациентите, со целосно почитување на правата на осигурениците и стандардите за квалитетна здравствена заштита.

„Нашата цел е отворен дијалог, меѓусебно почитување и заедничка одговорност. Фондот има обврска одговорно да управува со средствата на осигурениците, но истовремено и да создава услови за поефикасно функционирање на здравствениот систем. Затоа, преку заедничката работна група сакаме да дојдеме до конкретни и применливи решенија што ќе ја намалат непотребната администрација, ќе ја олеснат работата на лекарите и ќе придонесат за подобри здравствени услуги за граѓаните. Нашата определба е јасна – осигурениците да бидат во центарот на секое решение кое го носиме“, истакна генералниот директор на Фондот м-р Златко Перински.
Претседателот на Лекарската комора проф. д-р Никола Јанкуловски ја нагласил важноста од континуирана соработка и активно вклучување на лекарската професија во процесите на унапредување на здравствената регулатива.
„За Лекарската комора е особено значајно што постои подготвеност за суштинска соработка и што ставовите на лекарската професија се земаат предвид при разгледувањето на прашањата што директно влијаат врз нашата работа. Лекарите треба активно да учествуваат во подготовката на решенијата што секојдневно ги применуваат. Очекувам преку заедничките работни групи да ги согледаме постојните недостатоци во регулативата и да предложиме конкретни подобрувања, засновани на стручни аргументи и искуства од практиката. Наш заеднички интерес е да имаме јасни и применливи правила, помалку непотребна администрација и услови во кои лекарот ќе може максимално да му се посвети на пациентот“, посочи Јанкуловски.
Фондот за здравствено осигурување и Лекарската комора ја потврдија заедничката определба за продолжување на соработката преку редовен институционален дијалог, стручни консултации и конкретни активности насочени кон унапредување на здравствениот систем. Заеднички приоритет останува создавањето поефикасен здравствен систем, во кој лекарите ќе имаат подобри услови за работа, а пациентите навремена, квалитетна и достапна здравствена заштита, информираат од ФЗО.

