Нема бегање од „Сејф Сити“. Системот за безбеден град досега регистрирал прекршоци на министри, директори, бизнисмени, па и попови. Министерот Тошкоски појасни дека казни се изрекувале и за приватни, но и за државни автомобили, но на крајот сите се фатиле за џебот и си ја платиле казната, без разлика за кого станува збор.
„Многу ми имаат кажано дека министри, директори, црковни лица, од една, друга, трета, религиозни лица, скоро да нема ниво на кое што не ми рекло: „Министер, еве функционира, си платив јас, ми стигна казната…“ Да, на почетокот кажав, во рамки на техничка влада имав одредени интервенции за одредени прекршоци. После мојата бурна реакција, во последната година и половина, па и повеќе, не се случува некој да побара од мене било што што е поврзано со конкретен сообраќаен прекршок и многу ми е мило што е така. ….. „Министер, со приватни или со службени возила?“…. И така и така…“, изјави Панче Тошкоски, министер за внатрешни работи.
„Сејф Сити“ ги даде почетните резултати, со намалениот број на жртви на патиштата за 29% во споредба со претходните две години. Затоа истиот ќе се проширува. Откако граѓаните научија каде се камерите, па покрај на критични точки, нови мобилни камери ќе има и во полициските возила, кои ќе откриваат прекршоци во движење. До крајот на годината се очекува системот да почне да ги санкционира и оние кои што непрописно паркираат. Системот ќе казнува во период кога ќе може недвосмислено да се утврди дали станува збор за незаконско паркирање или запирање, или пак возачите се заглавени во метеж. Целта е да се одржи непрекинато движење на возилата на главните крстосници низ градовите во Македонија.
„До крајот на годинава ќе отпочнеме да ги констатираме погрешното паркирање и запирање со оние возила коишто ги имаме за детектирање на погрешно паркирање и запирање. И истите ќе бидат фокусирани, ги имам кажано и претходно ова многу пати, во насока на пред сè чистење на главните крстосници во главниот град и во останатите градови низ државата“, изјави Панче Тошкоски министер за внатрешни работи.
Во иднина странците, покрај на Табановце, казните ќе можат да ги платат и на Блаце, каде што ќе бидат поставени посебни пунктови. Во моментов камери се инсталираат во Струмица, а до крајот на годината и почетокот на 2027 година се очекува „Безбеден град“ да ги покрие и Штип и Битола. Дека резултатите се видливи покажа и првата награда што ја доби МВР на Светскиот полициски самит во Дубаи, во категоријата „Извонредност во сообраќајната безбедност“ за проектот „Безбеден град“.

