Инфлацијата се држи под контрола. Трошоците за живот на месечно ниво пораснале за минимални 0,4%, а годишната инфлација е 3,3 отсто, објави Државниот завод за статистика. Минималниот раст на храната од септември до октомври е пред се поради акцизните стоки, односно скокнале цените на алкохолни пијалаци, за 2.5 %. Облеката и обувките поскапеле за 1.2 %, а храната и безалкохолните пијалаци поскапеле за 0.7 %. Од друга страна, статистика бележи намалување на цената на Покуќнината и опрема за домаќинствата за 1.3 %, рестораниските услуги за 0.7%, а транспорт е поефтин за 0.3%.
Според Министерството за економија, најновите податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека цените остануваат во рамки на предвидените проекции.
„Ваквите движења укажуваат дека инфлацијата и натаму се движи во рамки на релативна ценовна стабилност, без изразени месечни ценовни притисоци“, велат од Министерството за економија.
Од Министерството за економија дополнуваат дека тие редовно го следат движењето на цените. Инспекторите се на терен и тие се подготвени навремено да реагираат со мерките кои им стојат на располагање доколку пазарните движења го наложат тоа.
„Министерството за економија и труд континуирано ги следи ценовните движења, особено кај основните прехранбени производи, и ќе продолжи внимателно да ја анализира состојбата на пазарот. Доколку се утврдат неоправдани ценовни зголемувања или дополнителни притисоци врз животниот стандард, во координација со надлежните институции ќе се разгледа потребата од преземање соодветни мерки“, додаваат од економија.
Од економија посочуваат дека целта е зачувување на стабилноста на пазарот и заштитита на куповната моќ на граѓаните. Според последните податоци кои ги објави Евростат, Македонија со годишна инфлација од 3,3 проценти го дели третото место во Европа заедно со Франција. Помал раст на инфлацијата имаат само Малта и Германија, додека пак поголема инфлација е забележана во Грција, Хрватска, Бугарија кои се над просекот на Еврозоната од 4%. Романија ја бележи највисоката стапка на инфлација во октомври од 6,5 проценти.

