Речиси во сите скопски општини младите кои сакаат да изградат сопствен дом нема да плаќаат комуналии. По стапките на Град Скопје, општините најавуваат дека ќе се откажат од својот дел од надоместокот, односно 40 проценти од комуналиите за брачните парови до 40 годишна возраст.
По апелот на градоначалникот на Град Скопје, Алфа телевизија ги контактираше градоначалниците за да провери кои општини ќе ја прифатат иницијативата.
Позитивен одговор стигна од општина Ѓорче Петров. Градоначалникот Александар Стојкоски најави дека ќе ги ослободи младите брачни парови до 40 години од плаќање на општинскиот дел од комуналиите. Дополнително, по иницијатива на општината, во руралните населени места каде што главниот град нема надлежност младите целосно ќе бидат ослободени од овој надоместок.
И Карпош ја поддржува мерката. Оттаму сметаат дека таа ќе придонесе за намалување на пренатрупаноста во централното јадро на општината, но и ќе ги поттикне граѓаните наместо станови да избираат куќи во околните населени места како Бардовци.
И младите во Шуто Оризари нема да плаќаат комуналии доколку ја изберат оваа општина за живеење.
Аеродром и Гази Баба веќе имаат слични мерки за младите до 35 години, но по повикот најавија проширување на старосната граница до 40 години. Во Аеродром, сепак ќе важат и дополнителни услови :подносителот да живее најмалку две години во општината, земјиштето да биде во негова сопственост а објектот да биде наменет исклучиво за лични станбени потреби.
Во Гази Баба пак, градоначалникот Бобан Стефковски ќе ги ослободи младите од плаќање комуналии без оглед на тоа дали станува збор за брачни парови.
Кисела Вода исто така веќе ја спроведува мерката со која младите до 40 години се ослободуваат од плаќање 40 проценти од комуналиите.
Од Бутел информираа дека имаат позитивен став за иницијативата, но одлуката допрва треба да биде донесена. Во Сарај пак велат дека во тек е изработката на новите детални урбанистички планови, по што во текот на следната година би можеле да ја прифатат мерката.
Од општините Чаир и Центар и покрај повеќето обиди, не добивме одговор.
Инаку со новиот ребаланс на буџетот од први декември Град Скопје ќе покрива 60 проценти од надоместокот за комуналии. Мерката ќе важи за објекти со површина до 120 квадратни метри, а услов е младите да немаат имот на свое име, а куќата што планираат да ја изградат да биде заведена на двајцата партнери.

