Наместо на лекување во болница, Ива Михаилова, која е обвинета за сообраќајка со смртни последици, во Бугарија гостува по поткасти и, слично како нејзиниот сограѓанин според пасош, Христијан Пендиков, ја напаѓа земјата во која е родена. Вели дека никогаш нема да се врати во Македонија, бидејќи откако се изјаснила како Бугарка во судот, била изложена на притисоци и дискриминација, а процесот добил поинаков тек. Во контроверзното интервју, Михаилова изнесе тврдења дека незаконски ја држеле во Македонија, а за обвинителот рече дека лично им барал пари за да добие полесна пресуда и да не оди во затвор. Потоа објаснуваше дека понудата не била директна, туку преку трето лице.
Михаилова не кажа ништо за лекувањето во болницата „Пирогов“ и повторно тврдеше дека конзилиум од Македонија ѝ препорачал лекување во странство, иако тоа беше демантирано од докторот кој ја лекувал во Скопје.
- „Самата држава е виновна што ми дозволи да ме држатедна година незаконски во Македонија и тоа не се обвинение, туку предлог-обвинение затоа што нема цврсти докази. Јас тогаш имав потреба од лекување кое го немаше во Македонија затоа што тие не се толку специјализирани“, изјави Михаилова.
Михаилова објаснуваше како се случила несреќата, но внесе и нови моменти во приказната за сообраќајката, кои досега не беа споменати во медиумите. Првпат спомена дека на местото на несреќата дошол полициски началник и ги избркал сите очевидци за да не сведочат дека другата кола влегла во нејзината лента. Ниту сега, во гостувањето во поткастот, не почувствува потреба барем да го спомене името на жртвата во сообраќајната незгода – 33-годишниот Бесим Дурмиши.
Нејзиниот адвокат, освен за случајот, не ја пропушти приликата да испрати политички пораки за Македонија, кои, како да излегуваат од устата на Красимир Каракачанов или Костадин Костадинов. Ја обвини Македонија дека шири антибугарска хистерија.
- „Тоа е маѓепсана држава. Јас сум бил таму над 15 пати. Јас бев да го чествувам празникот на Гоце Делчев во центарот на Скопје. Годишнината. И таму луѓето во Македонија се зомбифицирани од утро до мрак со пропаганда на сите радија, телевизии и коментари. Се зборува само за Бугарите Татари и како по должност треба да бидат студени кон Бугарите“, изјави адвокатот.
Михаилова на 12 октомври се појави на бугарската БТВ, од каде што соопшти дека веќе не е во Македонија. Таа тогаш изјави дека уредно ја преминала македонско-бугарската граница и излегла со македонска лична карта, додека, пак, влегла во Бугарија со бугарскиот личен документ.
Нејзиниот адвокат тогаш одби да каже на кој граничен премин поминале, велејќи дека не сака да им предизвика проблеми на луѓето кои, според него, им помагале.
Веднаш по тоа, од страна на Македонија беше распишана меѓународна потерница по неа.

