Жена зела заем од 4.000 евра, се договорила да врати уште 2.500 евра камата и го подмирила долгот во целост. Но, следувале закани, барања за користење на нејзината банкарска сметка за фиктивни трансакции, а потоа имало и обид да ѝ биде одземен автомобилот преку лажни договори за купопродажба. Долгот, кој претходно го платила и бил зголемен дури на еден милион денари.
Ова е еден пример за воспоставениот механизам по кој работела кумановската лихварска група, формирана во 2021 година, а полицијата ја разби во Куманово. Пет члена се осомничени за изнуда и перење пари, првоосомничениот Драган Петровски познат под прекарот „Даци Штука“ бил главен во групата, додека еден е во бегство.
- ..„По налог на Д.П., кај адвокат од Куманово бил изготвен фиктивен договор за купопродажба на возилото, при што бил фалсификуван потписот на оштетеното лице како заемопримач. Потоа, во истата адвокатска канцеларија бил изготвен и фиктивен договор за заем на парични средства во износ од 1.000.000 денари, кој исто така бил заверен во истата нотарска канцеларија..“ стои во кривичната пријава од МВР.
Но ова не бил изолиран случај. Според органите на прогонот, уште едно лице станало жртва на ист начин. Станува збор за маж кој во два наврати позајмил по 180.000 денари од Штука, бидејќи му биле потребни пари за лекување на сопругата. Иако ги вратил позајмените пари, групата продолжила да го притиска за дополнителни исплати како наводна камата.
- „Иако согласно договорите за заем ги вратил паричните средства, осомничените продолжиле да му бараат дополнителни исплати како камата и врз основа на таа зависност го принудиле да ја користат неговата сметка за да префрлаат големи суми на пари од изнуда како формални заеми и да ги извлекуваат во готовина“соопштија од Обвинителството.
Судот го прифати предлогот и Штука заедно со уште еден од групата, заминуваат зад решетки, а друг оди во куќен притвор. На нотарот му е одземен пасошот.
Претреси имаше на шест локации во Куманово, а одземени се договори за заеми со нереално високи камати, документи за недвижен имот, поголема сума пари, одземени возила и електронски уреди. Директорот на БЈБ, Александар Јанев изјави дека за пронајдените банкноти во менувачницата на братот на Штука е известена и народната банка која ќе изврши ревизија за да се провери нивото потекло.

