Граѓаните од 1 декември годинава ќе имаат построги услови за земање кредити, откако Народната банка воведува нови ограничувања за кредитната задолженост и роковите за отплата. Поповолни правила ќе продолжат да важат за оние кои првпат купуваат сопствено живеалиште.
Со новите мерки, максималниот однос меѓу вкупните месечни кредитни обврски и приходите на кредитокорисниците ќе биде намален за пет процентни поени. Кај денарските кредити, границата се намалува од 50 на 45 проценти, додека кај кредитите со валутна компонента од 45 на 40 проценти.
Тоа значи дека граѓанин со месечен приход од 60 илјади денари, кој досега можел да има месечни кредитни обврски до 30 илјади денари, од декември ќе може да се задолжи со најмногу 27.000 денари месечна рата.
Промени има и кај роковите за отплата на одредени кредити. Станбените кредити за купување втор или дополнителен стан ќе може да се отплаќаат најмногу 25 години, наместо досегашните 30. Кај хипотекарните потрошувачки кредити, максималниот рок за отплата се скратува од 20 на 15 години.
Исклучок остануваат лицата кои првпат го решаваат станбеното прашање. За нив максималниот рок за отплата и натаму ќе биде 30 години, а ќе важи и можноста за минимално сопствено учество од 10 проценти.
Пократкиот период за отплата значи дека за ист износ на кредит граѓаните ќе имаат повисоки месечни рати, доколку каматните стапки и останатите услови останат исти.

