Изнуда, лихварство, закани и перење пари – криминален бизнис кој повеќе од 4 години владеел во Куманово и регионот. Полицијата спроведува акција за разбивање на група со која раководел Драган Петровски познат на криминалната сцена под прекарот „Даци Штука“, кој заврши со лисици на рацете. Членови биле повеќе лица од Куманово меѓу кои се споменуваат Зоран Ристик, Марко Крстевски, Ласте Крстевски, Даниел Живачки.
Наводно братот на Штука, кој веќе и бил познат на полицијата бил сопственик на менувачница во центрот на градот каде од изутрината се врши претрес. Се испитува дали преку оваа дејност биле реализирани или прикривани сомнителни финансиски трансакции.
Специјалци и истражители влегоа на повеќе локации, а под истрага се финансиски врски со нотарска канцеларија и менувачница. Според засега непотврдени инфомации меѓу успесените има и нотар, а постојат сомневања дека токму со негова помош биле реализирани имотни трансакции, односно пренос на земјиште поврзано со лихварски долгови.
Шпекулациите се дека станува збор за механизам преку кој должниците останувале без својот имот, возила, станови, земјиште, а групата притоа користела закани, уцени па и насилство за сопствено богатење.
При досегашните претреси биле пронајдени пари, возила и документација што би можеле да бидат значајни за понатамошната истрага. На фотографиите направени во менувачницата се гледаат десетици банкноти од по 2000 денари, но и апоени во евра, американски долари и швајцарски франци за кои немало никаква потврда дека потекнуваат од тековното работење.
Истрага треба да покаже од каде потекнуваат парите, дали се поврзани со лихварски активности и дали постоеле обиди за прикривање на нивното потекло.
Акцијата, според нашите извори, следува по подолготрајна оперативно-истражна работа на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Бирото за јавна безбедност, во координација со Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
Засега нема точен број осомничени лица, евентуални приведувања и точниот обем на запленетите предмети.По завршувањето на претресите, се очекува да стане појасно колкав бил обемот на криминалната мрежа, колку лица ќе добијат кривични пријави и дали истрагата ќе се прошири и на други лица кои евентуално имале улога во финансиските и имотните трансакции.

