Втор бран дојави за бомби ги пресекоа летовите ширум Европа. Неколку авиокомпании се соочија со закани за присуство на експлозиви на летовите што доведе до итни слетувања, пренасочувања, воена придружба и безбедносни инспекции на аеродромите во повеќе европски земји. Дојавите таргетираа летови на компаниите „Рајанер“, „Визер“, полската „ЛОТ“, „Џеттајм“, „Ер Лингус“ и националната авиокомпанија на Финска, „Финер“ меѓу многу други.
Летот на Ер Лингус во кој летале 151 патник од Даблин до Рим, во близина на Париз итно бил пренасочЕН кон воен аеродром во северна Франција, наводно во придружба на воен авион. Слични закани за кои се докажало дека биле лажни погодиле летови на релација Хелсинки-Рим и Хелсинки-Виена на Финер.
Авион на Рајанер кој летал од Лондон до Софија бил пренасочен кон Пловдив каде што слетал безбедно. Во Чешка четири авиони добиле дојави за бомби, по нивното слетување тие биле претресени. Во случајот на Визер кои втор пат се под закана оваа недела, речиси 200 патници биле евакуирани на аеродромот во Букурешт по лажна дојава. Лажни закани добил и главниот аеродром во Виена каде што биле таргетирани четири летови на кои не биле пронајдени експлозиви по нивното слетување.
И во текот на оваа недела повеќе авиони низ Европа добиле лажни дојави за бомби, што предизвикало итни безбедносни проверки и пренасочувања на летови. Во еден од случаите, авионот до слетувањето бил придружуван од италијански воени авиони. Меѓу погодените авиокомпании биле претходноспоменатите, ЛОТ, Скандинав ерлајнс, Визер и Рајанер.
Иако во големата слика секој ден во Европа летаат по 30000 патнички авиони во просек, дојавите доаѓаат во период на геополитичка нестабилност, во изминатите месеци европските земји се справуваа со хакерски напади врз супермаркети, упади на беспилотни летала на територијата на европските земји.
Официјалната политика на безбедносните сили за справување со вакви ситуации е да се земе секоја закана како вистинска и така да се третира се додека не е докажано обратното.

