Нови инвестиции од Германија и засилена економска соработка со најголемиот трговски партнер на земјата се во фокусот на средбите кои македонската делегација предводена од Премиерот Христијан Мицкоски ги има во Германија. И денеска продолжуваат разговорите за зголемени инвестиции во државава од страна на водечката европска земја со која Македонија има суфицит во трговската размена. Министерот Стефан Андоновски, кој беше дел од македонската делегација истакна дека посебен акцент бил ставен на инвестициите во дигитализацијата и користење на искуството од Дојче Телеком во сајбер безбедноста.
„Правиме напори, да вакви дополнителни инвестиции донесеме во Македонија, знаете дека државата има удел во Македонски Телеком и целта е како тие инвестиции да ги пренесеме и во Македонија, да создадеме нови компании кои тука ќе се занимаваат со сајбер безбедност и да им помогнеме на малите и средни претпријатија, да си помогнат во дигитална трансформација и да бидат безбедни и заштитени, затоа што законот за сајбер безбедност сега ги опфаќа и институциите од приватниот сектор“, истакна Андоновски.
За Премиерот, средбите со високите германски претставници, но и со безнис секторот треба да дадат потстрек за долгорочни инвестиции во земјава од страна на гермнански компании. Целта е да се оддржи позитивната трговска размена на земјава со најголемиот трговски партнер во Европа и зголемување на БДП.
„Направивме состаноци со Германската стопанска комора и нејзини претставници во рамките на нашата посета во Бон. Беа пруситни голем дел од фирмите кои што имаат свои инвестиции во Македонија и оние фирми кои што имаат своја амбиција да инвестираат во Македонија. Разговаравме за досегашните нивни искуства, како да ги направиме нивните инвестиции да бидат поуспешни, но истовремено зборувавме и за зголемување на нивните инвестиции и капацитети, со што би се зголемил исто така и БДП на македонската економија“, изјави мицкоски.
Паралелно, покрај инвестиции во дигитализацијата и воведување на новите технологии, македонската Влада очекува и зголемена активност и поголем интерес и во делот со инфраструктурата. Во моментов, отворен е повик за прибирање понуди за изградба на железничкото поврзување со Бугарија. Паралелно, планирана е реконструкција и модернизација на пругата од Скопје преку Јегуновце, Тетово и Гостивар, потоа делницата од Гостивар до Кичево, како и изградба на нова пруга од Кичево преку Охрид и Струга до границата со Албанија.

