Пратениците и средношколците ќе продолжат да бараат решенија за политики и образовни пристапи што ќе го зајакнат критичкото мислење, медиумската писменост и способноста на младите да се справуваат со дезинформации и манипулативни содржини. Младите сакаат повеќе практично учење за проверка на информации, подобро разбирање на начинот на кој функционираат социјалните мрежи и алгоритмите, како и повеќе можности нивните искуства од дигиталната средина директно да бидат слушнати од институциите.
Ова се дел од пораките од денешната дебата во Собранието „Што гледаш, кому веруваш? – Младите, информациите и дезинформациските кампањи“, на која средношколци од седум училишта од Скопје, Липково, Велес и Прилеп разговараа со пратениците за тоа како младите се информираат, кому му веруваат и со какви предизвици се соочуваат во современата дигитална средина. Настанот беше организиран во соработка со Институтот за комуникациски студии (ИКС), преку Парламентарниот институт и Клубот за младински прашања и политики, се наведува во соопштението од собраниската прес-служба, што МИА го пренесува интегрално.
Отворајќи го настанот, претседателот на Собранието, Африм Гаши, истакна дека медиумската писменост денес е клучна вештина за демократскиот развој и иднината на младите генерации. Обраќајќи им се на средношколците, тој порача дека промените во светот, системот и општеството започнуваат со целосна информираност и свесност. „Не можеме да промениме нешто за кое не сме целосно свесни, а целосна свесност стекнуваме единствено преку целосното информирање. Собранието, во оваа насока, има важна улога. Како дом на сите граѓани и институција во која тие се претставени, тоа треба да биде пример за транспарентност, аргументирана дебата и отчетност“, рече Гаши.
Маја Сивањанам, амбасадорка на Обединетото Кралство во Република Северна Македонија, нагласи дека градењето отпорност кон дезинформации и манипулации со информациите не е одговорност на една институција или поединец, туку бара пристап на целото општество. „Целта не е на младите да им се кажува кому да веруваат, туку да се слушнат нивните искуства и да се разбере што треба да се менува во образованието и јавните политики за тие да можат критички и информирано да донесуваат одлуки“, порача амбасадорката Сивањанам.
Драгана Бојковска, пратеничка и претседателка на Клубот за младински прашања и политики, истакна дека ваквите дебати во законодавниот дом се важни и за младите и за пратениците, бидејќи овозможуваат подобро разбирање на потребите и предизвиците на младите, кои треба да бидат земени предвид при креирањето на идните политики.
Во продолжение на дебатата, средношколците, заедно со пратениците Љупчо Пренџов и Соња Мираковска, дебатираа за влијанието на социјалните мрежи, алгоритмите, инфлуенсерите и содржините создадени со вештачка интелигенција. Меѓу прашањата што ги отворија младите беа потребата од повеќе практични вештини за проверка на информации, подобро разбирање на дигиталните платформи, повеќе простор за дебата и критичко размислување во училиштата и почеста директна комуникација со институциите.
На крајот, Бојковска ги претстави заклучоците и посочи дека денешниот настан е практичен пример за примената на принципот „секој има своја улога“ во градењето критичка и отпорна младина. Таа нагласи дека ова е прв настан од ваков формат со кој Собранието се приклучува кон одбележувањето на Деновите на медиумската писменост и најави организирање и на други вакви активности.
Меѓу другите заклучоци од дебатата беше истакната отвореноста на Собранието, да ги слушне истражувањата и аргументите за тоа кои чекори треба да ги преземат носителите на одлуки за да се изгради младина, но и образовен систем што ќе одговорат на современите предизвици на дигиталната ера и вештачката интелигенција, како и подготвеноста за воспоставување директна соработка со учениците. На учениците им беше претставено и работењето на Клубот за младински прашања и политики, како и можностите за вклучување во неговата работа, при што беше истакнато дека тие се секогаш добредојдени да споделуваат нови идеи и предлози и директно да комуницираат со пратениците од нивните градови.
Предлозите и заклучоците од дебатата ќе бидат систематизирани и доставени до пратениците.

