Менувал бодови од испити и оценки, а запишувал и семестри иако студентите не ги исполнувале условите. За вакви кривични дела се сомничи раководителот на ИТ-секторот при штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“. Според МВР, тој се сомничи за злоупотреба на службената положба и овластување, како и за оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем. Полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција и Секторот за компјутерски криминал вршат претреси на повеќе локации во Штип и Скопје.
„По судска наредба обезбедена од Основното јавно обвинителство Штип, вршат претреси на повеќе локации во Штип и Скопје во врска со сторени кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“ од страна на Р.Т., раководител на информатички сектор при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип“, информираше портпаролот на МВР, Гоце Андреевски.
Од Ректоратот на Универзитетот соопштија дека целосно соработуваат со МВР и обвинителството, нагласувајќи дека имаат нулта толеранција за корупција и остануваат посветени на темелните академски вредности.
„Како јавна високообразовна институција ја уверуваме јавноста дека остануваме посветени на транспарентноста, отвореноста и институционалниот интегритет. УГД нема да дозволи каков било сомнеж да ги наруши трудот и вредноста на дипломите на илјадниците чесни студенти и вработени. УГД има нулта толеранција за каков било облик на корупција или злоупотреба на службената положба“, се вели во соопштението на Универзитетот „Гоце Делчев“.
Според неофицијални информации, меѓу студентите подолго време се знаело дека осомничениот, за одредена сума пари, можел да ги менува резултатите од испитите и да им овозможи на студентите да запишуваат семестар иако не ги исполнувале условите. Најчести „клиенти“ кои ги користеле неговите услуги биле студенти од Турција.

