Полни авиони со иселеници на гласање во Брвеница. ДУИ повторно го искористи добро познатиот рецепт, кој веќе беше виден на претходните избори во Кичево. Дел од оние кои дошле од странство да гласаат за Аркин Јахији си објавија и фотографии на социјалните мрежи. По завршувањето на гласањето споделија и порака.
„За родното место нема замор, постои само љубов. Честитки до сите жители на нашата општина, кои покажаа единство и граѓанство на највисоко ниво. Заедно покажавме како демократски процес може да се развива на најдобар можен начин“, се наведува во објавата на Фејсбук-страницата „Shoqata për f. Çellopek – Zvicër“.
Само неколку дена пред изборите, на Фејсбук-страницата „Здружение за село Челопек – Швајцарија“ беше објавен повик до албанската дијаспора за масовна мобилизација и излезност на гласањето, со порака дека самите треба да ја креираат сопствената судбина.
„Чувствуваме дека е национална, верска и човечка обврска да апелираме до сите жители на нашата општина масовно да излезат да гласаат во недела. Време е секој од нас да ја исполни својата должност, да ги мобилизира сите наши роднини и да излезе да гласа“, објавено е на Фејсбук-страницата „Shoqata për f. Çellopek – Zvicër“.
За познавачите, изборниот епилог во Брвеница е дека гласањето повторно се одвива по етничка линија, наместо во фокусот да бидат програмите и понудените решенија.
„Не само ДУИ, туку и СДСМ и Левица, со начинот на кој ги упатуваа своите пораки до гласачите во Брвеница, јасно доведоа до гласање по етничка основа. Жално е што тоа се случува во ова време. Жално е наместо сите да гласаме за програми, да ги едуцираме граѓаните да гласаат за кандидат кој може да реализира програма, кој има своја програма и визија, ние повторно гласаме по етничка линија и сигурно виновници за тоа се овие три политички партии. Но тоа нема да ги поремети односите внатре во коалицијата. Сметам дека се цврсти, без разлика на тоа што ВЛЕН можеше малку повеќе да одработи во корист на коалицискиот партнер“, изјави аналитичарот Јове Кекеновски.
Но и покрај тесната победа на ДУИ, сепак ВМРО-ДПМНЕ покажа дека сè уште е доминантна на политичката сцена.
„ВМРО-ДПМНЕ покажа дека е доминантна политичка партија на политичката сцена, дека бега многу повеќе од СДСМ и од сите останати политички партии. Сигурно владее со политичката состојба и политиките кои ги партиципира наидуваат на добар одѕив кај гласачкото тело“, изјави Јове Кекеновски – аналитичар.
ВМРО-ДПМНЕ на изборите во вториот круг во Брвеница освои 1.232 гласа повеќе отколку во првиот круг и постигна подобар резултат за 1.300 гласа од парламентарните избори во 2024 година.

