Плата за изработен час или за цел месец? Предлогот на Сојузот на стопански комори за кој се дигна прашина во јавноста и се отвори дебата предизвикува поделени реакции во јавноста, но и кај синдикатите. За едни, идејата е добра и вреди да се разгледа, додека други предупредуваат дека промената на начинот на пресметка не смее да ја загрози сигурноста на работниците. Од Конфедерацијата на слободни синдикати сметаат дека плаќањето по работен час може да биде почетна точка за нова методологија на пресметка на минималната плата и добра основа врз која во иднина би се градел растот на платите и во јавниот и во приватниот сектор.
„Време е за промена на методологијата за минималната плата и претворање на минималната плата во минимален работен час. Од причина што секој месец имаме различен број на работни денови. Ако земеме февруари со 20 и јули со 23, знаеме дека работниците работат три дена повеќе во јули. Нашата цел е со ваквото претворање на минималната плата во работен час да почнат по вертикала да растат сите плати, не само минималната не само јавниот сектор туку и сите во приватниот сектор. Видовме дека заедно низ дијалог со владата можеме да најдеме решенија сите плати во јавниот сектор да растат низ текот на годините“, изјави Благоја Ралповски од Конфедерација на слободни синдикати.
Од КСОМ чекаат прво да го добијат предлогот па потоа ќе ги кажат своите заклучоци. Предупредуваат дека најважно е да се зачува сигурноста на работниците и обезбедувањето на основна месечна плата. Велат дека и сегашниот модел е добар, но мора да се работи и на унапредување на работничките права и зголемувањето на платите и животниот стандард.
„Што значи тоа работа во час. Дали тоа значи утре газдата да ти каже ми треба пет часа, оди си. Значи не е ништо јасно. Мора да има дали ќе има месечно загарантирано минимум колку ќе се прима плата. Се поставува прашањето што со празниците?… Ова за нас како КСОМ разговаразвме во избршниот одбнор и ова за нас е неприфатливо “, изјави Марјан Ристески – претседател на КСОМ.
Ристески како позитивен пример го посочи предлогот за трансформација на договорите на дело во редовни вработувања во јавниот сектор, но нагласува дека вакви решенија се потребни и во приватните компании, каде што дел од работниците со години работат со договори на определено време. Според него, работната сигурност е особено важна за младите, кои треба да имаат услови да ја планираат својата иднина во земјава.
„Ние една плата не можеме да земеме, тие ќе земат две-три плати. Кој сака да работи повеќе, може и сега да работи, никој не му забранува. Меѓутоа, работникот мора прво да има минимум месечни примања, да знае дека овој месец загарантирано ќе земе толку. Ако сака повеќе, може повторно да бара работа на друго место“, вели Ристески.
Работодавачите, од друга страна, сметаат дека плаќањето по работен час би овозможило поголема флексибилност во организацијата на работата и би можело да придонесе за зголемување на продуктивноста. Посочуваат дека пред евентуалното воведување на ваков модел мора прецизно да се утврдат правилата за работното време, пресметката на заработката и заштитата на работниците.

