И по повеќе од пет години, сеуште никој не е виновен за една од најголемите трагедии што се случија во Македонија – кобниот пожар во модуларната болница во Тетово во кој живи изгореа 14 луѓе. Врховниот суд ги укина досегашните пресуди и предметот го врати на повторно постапување пред Основниот суд во Тетово. Според највисокиот суд, ниту тетовскиот суд, ниту гостиварска апелација не дале убедливи и аргументирани одговори на клучните прашања од кои зависи кривичната одговорност на обвинетите. Во судењето пред Основниот суд во Тетово, на екс-директорите Флорин Бесими и Артан Етеми не им се судеше директно за предизвикување на пожарот, туку за тешки дела против општата сигурност односно за непоставување на пропишаните уреди за заштита од пожар во објектот. Сега Врховниот суд им ги уважи жалбите на поранешните диктори.
Советот за казниви дела при Врховниот суд на Република Северна Македонија, на седницата одржана на ден 22.10.2026 година, донесе пресуда во случајот „Модуларна болница Тетово“, со која ги уважи барањата за вонредно преиспитување на правосилната пресуда на осудените,поднесени преку нивните бранители, а пресудата на Основен суд Тетово К-512/24 од 16.05.2025 година и пресудата на Апелациониот суд Гостивар КЖ-211/25 од 26.11.2025 година, ги укина и предметот го врати на првостепениот суд на повторно постапување и одлучување, информираат од Врховниот суд.
Дел од адвокатите не се изненадени од одлуката на Врховниот суд. Според нив уште од самиот старт на судскиот процес останало да ледби неодговорено прашањето кои се главните виновници за трагедијата.
За разлика од нивните барања кои беа прифатени, барањето за вонредно преиспитување што го поднесе ЈЗУ Клиничка болница Тетово е отфрлено како недозволено. Според законот, за правните лица не важат истите услови за користење на овој вонреден правен лек, па за болницата останува во сила претходно одредената парична казна од 1,3 милион денари.
Инаку, предметот еднаш веќе беше вратен на повторно судење со одлука на гостиварска апелација. Во втората жалбена постапка во декември 2025 –та на двајцата директори им беше дуплирана казната затвор. Од 1,5 ипол година на 3 години затвор.
За смртоносниот пожар од 2021-ва се водеше уште една предистрага во Обвинителството за гонење на организиран криминал. Пред три месеци обвинителството ја затвори речиси петгодишната предистрага за набавката и изградбата на 19-те модуларни болници, оценувајќи дека нема докази за злоупотреба на службената положба ниту за друго кривично дело кое се гони по службена должност.

