Општина Дојран со неколку дневна програма ќе го одбележи 5 Ноември, Денот на ослободувањето на градот. Од утре до четврток Општината организира повеќе културни и спортски настани, со учество на учениците од основното училиште „Кочо Рацин“.
Одбележувањето започнува утре со отворање на четвртиот меѓународен турнир во карате, „Дојран Опен“, во организација на локалниот Карате клуб – Дојран. На настанот се очекуваат учесници од Романија, Грција, Србија, Црна Гора, Бугарија, Албанија, Косово, Кипар, а турнирот ќе се одржи во спортскиот центар „Истатов“ во Нов Дојран.
Истиот ден, дојранскиот планинарски спортски клуб „Даб“ организира планинарски марш со почеток од 8 часот. Стартната точка на маршот е седиштето на Општината, по што планинарите ќе се движат до Фердинановата чешма, а на враќањето до Стар Дојран ќе ги посетат црквата „Св. Илија“, Саат – кулата и Музејот на Дојран.

Во понеделник програмата продолжува со настап на Фолклорниот ансамбл „Мегдан“ во ООУ „Кочо Рацин“ во Нов Дојран со почеток од 19 часот.
Во вторник во 10 часот ќе се одржи ликовно и поетско творење на тема „Дојран најубав“ на градското шеталиште под јаворот во Стар Дојран. Наредниот ден од 11:30 часот се закажани натпревари во мал фудбал помеѓу ООУ „Кочо Рацин“ – Дојран и ООУ „Страшо Пинџур“ – Јосифово.
На денот на ослободувањето, во четврток, од 9:30 часот ќе се одржи Свечената седница на Советот на Општина Дојран, по што ќе се положи цвеќе пред спомен обележјата и ќе се одржат атлетски трки со учениците од основното училиште, како и музички настап на училишниот хор и доделување награди во Градскиот парк во Нов Дојран.

