Од желба да го спречи пропаѓањето на еколошкиот производ во својот двор, професорот во пензија Стојан Манолев од Валандово си создал интересно хоби, да прави свои здрави преработки од јапонско јаболко. Сушени листови од овој вид јаболко и природен шеќер односно засладувач од истото овошје се двата еколошки производи, кои пензионираниот професор по физика самостојно почнал да ги прави користејќи ги своите познавања на науката.
Манолев се одлучил за јапонското јаболко, кое е доста распространето во валандовскиот крај, поради неговата специфичност да се конзумира само кога е целосно зрело, а притоа нема трајност и брзо скапува. Започнал да работи сам со приносот од дрвцата кои ги имал во својот двор, а во тоа му помогнало и семејството.

– Во периодот пред да се пензионирам размислував што ќе правам после овој едукативно – образовен процес. Како идеја или алтернатива за дополнително занимање во таа трета доба се одлучив за јапонските јаболка. Првично испитував како може да се задржат подолг период за употреба, бидејќи класичното јапонско јаболко, кое е сортата што ја имам и јас, на почетокот е со танини. Поради присуството на танини, кога го јадеме јаболкото ни предизвикува ефект на собирање на устата. Подоцна откако ќе созрее може и со лажичка да се конзумира, а директно како обично јаболко не се јаде. Затоа размислував како да го отстранам танинот и како јаболкото да има трајност на подолг период, вели Манолев.

На почетокот пробал идејата да ја реализира со апаратите кои ги имал дома, но потоа сам си создал своја апаратура.
-Варијантата со сушење на тенки ливчиња исецкани од јапонското јаболко, во услови при коишто се задржуваат сите витамини коишто ги има, од 36 до 40 степени Целзиусови, ја тестирав на мини дехидратори или сушари кои ги купив. Подоцна самостојно си направив апарат, со моите познавања на науката и физиката. На тој начин со мојот изум на дехидратор или сушара можам да произведувам поголеми количини на сушено јапонско јаболко, раскажува валандовскиот професор.
Сушеното јапонско јаболко Манолев го добива со бавна дехидрација на температура од 36 до 38 степени, а производот, како што вели не содржи додаден шеќер, ниту конзерванси, вештачки бои и адитиви. Корисен е, пред се, за реконвалесценти и дијабетичари, а во него се здржуваат природните витамини на јапонското јаболко од кои најголема е застапеноста на витаминот А, потоа Ц, Е и Б6, како и калиум, магнезиум и антиоксиданси.

– На пазарот овој производ пројде, многумина го вкусија и останаа зачудени, како од вкусот така и од содржината на витамини која ја има што е полезно за здравјето на секој човек. Како дополнителен производ, направив и пудра или шеќер од самите сушени јапонски јаболки. Овој продукт го направив од оние парчиња што немаат посебна форма, што се скршени и навистина излезе интересен. Може да се користи како природен засладувач во чаеви, во кафе или во сутлијаш, на пример, вели Манолев, кој засега продажбата ја врши онлајн на македонскиот пазар, а се надева дека ќе добие и сертификат од Агенцијата за храна и ветеринарство за органско производство, по што производите ќе може да ги пушти и во поширока употреба.
Неодамна професорот по физика на понудата додал и нов производ, овој пат од калинка, која, како што вели е типичен екопроизвод од Валандовско од кој ништо не се фрла, па дури ни кората.
-За првпат, на овогодинешниот Фестивал на калинката во Валандово го претставив чајот од сушена кора од калинка во комбинација со цимет, а исто така правам и сушено јаболко од класичните сорти, за компот. Овој чај е корисен како антистрес производ, а по традиција се користи и за спречување на дијареа, посочува Манолев.
Во наредниот период, тој очекува поголем принос на јапонски јаболка од новиот насад од пет декари и развој на еколошкото производство.

