Стручен симпозиум посветен на унапредувањето на скринингот и секундарната превенција на ракот на грлото на матката ќе се одржи денеска во организација на Здружението на приватни гинеколози и акушери.
Темата на симпозиумот е „Цитологија базирана на течност (LBC) во секундарната превенција на ракот на грлото на матката: алгоритам за рационална примена на конвенционален ПАП-тест, ЛБЦ и клиничко ХПВ-тестирање во менаџментот на пациентките“.
Опфатот со скрининг за рак на грлото на матката во земјата се движи од 10,3 до 15,5 проценти од целната популација, што е значително под европските препорачани нивоа за организиран популациски скрининг, покажуваат наодите на Државниот завод за ревизија. Целта на симпозиумот е преку заедничка стручна анализа со домашни и меѓународни експерти и релевантни институции да се утврдат слабостите во досегашното спроведување на програмите и да се предложат конкретни мерки за подостапен, поквалитетен и поефикасен скрининг, наведуваат од Здружението.
Преку стручни предавања, практични демонстрации и размена на домашни и меѓународни искуства ќе се разгледуваат примената на скрининг-тестовите, квалитетот на земањето и обработката на примероците, индивидуалната процена на ризикот и понатамошното следење на пациентките.
Централен дел од симпозиумот ќе биде панел-дискусијата „Скринингот за рак на грлото на матката во Република Северна Македонија – актуелни предизвици и идни перспективи“. Според програмата, во панел-дискусијата е предвидено учество на претставници на Здружението, меѓународен експерт од областа, Светската здравствена организација, Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување и Националната комисија за скрининг на рак на грлото на матката.
Фокусот на дискусијата ќе биде на зголемување на опфатот на жените, навременото добивање на резултатите, континуираното следење на пациентките и подобрата координација меѓу здравствените професионалци и институциите одговорни за организацијата, финансирањето и следењето на програмата. Од Здружението посочуваат дека целта е стручната размена да резултира со применливи препораки со кои наодите од ревизијата ќе се преточат во конкретни подобрувања на скринингот.

