Осумдесет и петгодишниот интернационален шаховски мајстор Димитар Илиевски денеска во Општина Карпош одигра симултан шаховски натпревар со триесетина деца, во настан што ги поврза најмладите и највозрасните вљубеници во шахот. Симултанката се одржа во холот на Општина Карпош и претставуваше увертира за утрешниот меѓународен шаховски турнир „Карпош Рапид“, кој се организира по повод 50 години од постоењето на локалната самоуправа и на кој се очекува учество на околу 150 шахисти од девет земји.
Натпреварот за отворен го прогласи градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, кој на Илиевски му врачи благодарница по повод неговиот 85-ти роденден, долгогодишната посветеност на шахот и придонесот во поврзувањето на генерациите преку спортот.
Лукровски истакна дека ваквите настани се можност младите шахисти да учат од најискусните и да го надградуваат своето знаење.
-Ми претставува голема чест и задоволство да присуствувам на оваа шаховска симултанка, каде што нашиот највозрасен и најискусен меѓународен шаховски мајстор им ги пренесува тајните на најдревната игра на нашите млади шахисти. Особено сум среќен што успеавме да ги заинтригираме нашите млади шаховски ентузијасти денеска да дојдат и да го надградат своето знаење учејќи од еден од најискусните мајстори на оваа игра – нагласи Лукровски и порача дека Општина Карпош и во иднина ќе продолжи да го поддржува шахот, особено неговата афирмација кај младите.
Илиевски ја поздрави иницијативата на Општината и оцени дека воведувањето на шахот во основните училишта има значајна образовна улога.
-Посебно ме радува оваа средба на генерации и сметам дека Општината воспоставува одлична пракса, бидејќи овозможи шахот да се изучува во основните училишта. Тоа ќе им помогне на младите луѓе да стекнат самодоверба и да ги развијат сопствените афинитети за изучување на математиката, уметноста и рационалниот пристап кон секојдневните обврски – истакна Илиевски.
Димитар Илиевски е првиот македонски шахист што ја исполнил нормата за велемајстор, а во 1972 година бил рангиран на 120. место на светската рејтинг-листа со 2.460 поени. Тој е и рекордер по бројот на одиграни симултанки, со повеќе од 350 настапи во својата богата шаховска кариера.

