Во организација на Македонската асоцијација на земјоделски задруги (МАЗЗ) денеска во Струмица се одржа Балканската конференција на задруги, на која се разговараше за обединување на земјоделските задруги и задружните сојузи од Балканскиот регион, но и да се поттикне размена на искуства и да се придонесе кон унапредување на регионалната соработка.
Според Драги Памуков, претседател на МАЗЗ, најзначајно од конференцијата е да се споделат искуства со задругарите од Бугарија, Грција, Србија и Хрватска и останатите учесници.
-Сите сме на некој начин на исто ниво, но другите имаат традиција и во изминатите 50, 70 или 100 години тие го задржале симболичното задругарство. Кај нас, за жал, по распадот на државата и транзицијата, сега во последните 15 години почнуваме и тука да правиме задругарство. Задругарството, кое кај нас постоеше некогаш, го изгуби кредибилитетот кај земјоделците, но во другите земји не се случи тоа, туку таму продолжи традицијата. И кај нас има потенцијал тоа да го продолжиме и се надевам дека ќе бидеме успешни, рече Памуков.

Според државната секретарка во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство Надица Џерковска, овие настани се од исклучително значење, пред се за пласирање на македонските земјоделски производи на пазарите.
-Министерството ќе продолжи и во 2027 година преку Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој да ги поддржува во форма во која заеднички ќе се договориме. Во претстојниот период ќе ги реализираме мерките за развој на овој сектор. Настанот беше многу интересен и освен размена на искуства и знаења од областа на задругарството имаа можност да воспостават подолгорочни партнерства за заедничко настапување на пазарите, истакна Џерковска.
Директорката на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Даниела Иротова Лазарева подвлече дека задругарството во Македонија беше заборавено и било ставено на маргините.
-Во 2024 година на иницијатива на МАЗЗ покренавме постапка кадешто законот којшто се донесе за укинување на земјоделските задруги пререгистрирање на земјоделските задруги по закон во Министерството за економија, останаа надвор од системот каде воопшто не можеа да добијат никаков тип на поддршка во поглед на поддршките кои ги нуди Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Со изменетиот закон ние овозможивме препознавање на земјоделските задруги во делот на субвенционирањето, рече Иротова Лазарева.

Додаде дека во 2025 година се објавени два повици за повраток на средства и по четири години земјоделските задруги ги добиле овие средства во износ од околу 50 милиони денари. Поддршката, како што рече, продолжува.
Во рамки на денешната конференција се одржа и мини саем на кој беа изложени најразлични производи од задругите.

