Становите поскапуваат, но со побавно темпо. Од јули до септември, цените на становите во Скопје се зголемиле за 10,3% споредено со истиот период лани, што сепак е помалку од годишниот раст од 13,4% во вториот и 16,6% во првиот квартал. Се додека има голема побарувачка за станови, цената ќе расте. Од градежните компании велат дека ако се намали интересот за купување и се заостри начинот на добивање на станбени кредити, можно е да заврши периодот во кој цените растеа речиси без престан. Додаваат и дека зградите што се градат во моментов имаат поголема енергетска ефикасност, факт што ја подига цената нагоре.
За дел од градежните компании, цената на становите во Скопје е на стабилно и реално, но сепак високо ниво, на кое се задржаа најмногу поради поскапувањата предизвикани од големата инфлација во време на пандемијата и енергетската криза. Задоволни ќе бидат ако ситуацијата остане непроменета, а можност за поевтинување на станбениот квадрат ќе нема, бидејќи кај суровините и материјалите нема надолна корекција во цените.
Во Скопје цените на становите рушат рекорди. Стан во Кисела Вода од 45 квадратни метри беше продаден за 130.000 евра. Аеродром како населба има највисока вредност на реализирани купопродажби. Становите во Центар на Скопје се продаваат и за над 3.000 евра за квадрат. Растат цените и во другите градови низ Македонија. Само во првите шест месеци, на пазарот на недвижности се слеаја 626 милиони евра

