Со музика во која се преплетуваат класични, традиционални и џез звуци, но и мелодии од (неистражениот) Медитеран, грчкиот ансамбл „Mosaico Mediterraneo“ следната сабота ќе настапи во Филхармонијата во Скопје, а во пресрет на првиот нивни концерт кај нас, сопранистката Мариа Костраки и виолинистот Андонис Сусамоглу велат дека заедно со публиката одново ќе го откриваат Медитеранот, а љубителите на сите музички жанрови „ќе пронајдат нешто познато, но истовремено ќе имаат можност да откријат и нешто ново“.
Сусамоглу и Костраки говорат за раѓањето на ансамблот, музичката сродност меѓу народите, слободата на импровизацијата и нивната желба секој концерт да биде единствена приказна.
„Медитеранскиот мозаик“, создаден за време на карантинот во пандемијата на Ковид-19, го сочинуваат музичари со различни уметнички искуства, а секој од нив, како што велат соговорниците, внесува посебна карактеристика во групата.
Ансамблот е предводен од позната грчка сопранистка, добитничка на меѓународни награди, Мариа Костраки, која зад себе има низа главни оперски улоги, истакнатиот виолинист во Државниот симфониски оркестар на Солун Андонис Сусамоглу е задолжен за музичката нарација, сценографијата и костимите, а Костас Макријанакис со искуство во барокното пеење, тапанарот Димитрис Витис, контрабасистот Динос Манос и џез-пијанистот Григориос Симадопулос ги дополнуваат деловите на мозаикот.
– Секој концерт е жива кореографија меѓу класичната музика и импровизацијата, вели Сусамоглу, кој веќе има искуство пред публиката во Скопје, со оглед на тоа што како дел од Државниот оркестар на Солун веќе неколкупати настапувале кај нас.

Во однос на нивниот репертоар, Костраки објаснува дека иако основата е конкретна сепак постои простор за прилагодување за да се „постигне најдобрата можна комуникација со публиката“.
– Музиката е универзален јазик, но во нашите срца секогаш постојат композиции што „зборуваат“ подлабоко или ни овозможуваат повеќе да се „поврземе“ поради заедничките искуства и музичките спомени. Затоа, би рекла дека околу 20 отсто од програмата се приспособува на пулсот на конкретната вечер, за да се врзе и да добие сопствен, личен карактер, посочува сопранистката.
По музичките патувања низ Италија, Франција и Шпанија, ансамблот во иднина ја насочува својата љубопитност кон источниот Медитеран, но претходно, во Скопје носи музичка приказна за сродноста меѓу народите, безвременските емоции и силата на музиката да создава нови врски.
Концертот е организиран од грчката амбасада во Скопје, ќе се одржи в сабота во 20 часот во малата концертна сала во Филхармонијата, влезот е бесплатен, но потребна е претходна регистрација на следниот линк: https://tinyurl.com/4nhustut

Пред да се задржиме на претстојниот концерт во Скопје, да се осврнеме на ансамблот. Како се роди „Mosaico Mediterraneo“ и кои се различните „парчиња“ што го сочинуваат вашиот мозаик?
А. Сусамоглу: „Mosaico Mediterraneo“ се роди за време на снимањето на истоимениот албум на Мариа, а јас ја презедов продукцијата. Албумот беше снимен во карантинот за време на пандемијата на Ковид-19, во време кога концертите беа прекинати. Така се создаде група музичари, како јадро на радост и креативност во една многу дистопична средина. „Mosaico Mediterraneo“ го сочинуваат пред сè класични музичари, кои патуваат низ вековите на европската музичка традиција, презентирајќи ја низ свежа, современа призма.
Како би му го опишале музичкиот свет на „Mosaico Mediterraneo“ на некој кој сè уште ја нема слушнато вашата музика?
М. Костраки: Радост и смелост! Радост, бидејќи се радуваме на секој момент кога сме заедно на сцената и смелост, затоа што не се двоумиме да претставиме класичен репертоар на начин што на прв поглед изгледа „неконвенционален“, но произлегува од љубовта кон таа материја. Оваа љубов што ја чувствуваме за овие различни светови, класичната, традиционалната, џезот и world music е она што чувствуваме дека ни дава право да ги споиме.
А. Сусамоглу: Песните секогаш го носат рувото на своето време, но нивното јадро останува вонвременско и заедничко за целото човештво. Неизмерно ме фасцинира можноста да ја облечам музиката во нови рува, само за со воодушевување да откријам дека во сите епохи и во сите жанрови, емоциите, страстите и желбите на луѓето остануваат исти.
Зошто го избравте Медитеранот? Што симболизира за вас и што најмногу ве инспирира?
А. Сусамоглу: Медитеранот ни е близок на сите нас. Тоа е нашето место, тоа се звуците со кои сме пораснале, но истовремено е и богат и неистражен. Тоа е едно бескрајно пространство, како на уметничката, така и на народната музика. Тоа е заедничка колепка на многу народи, различни меѓу себе, но и истовремено толку слични! Токму таа сродност сакавме да ја истакнеме.
Како ја доживувате врската меѓу музичката традиција и современото творештво?
А. Сусамоглу: Јас лично не пораснав толку блиску до традицијата. Студирав и работам како класичен музичар, со музички влијанија главно од западната музика, како и повеќето од нас во групата. Традицијата е нешто што на природен начин ми доаѓа на патот, како воздухот што го дишеме. Земјите во кои живееме, овде на Балканот, имаат неисцрпно богатство на музичка традиција – во многу случаи заедничка. По многу децении во кои современото уметничко творештво гледаше речиси исклучиво кон Западна Европа, во последните години веќе има многу значајно композиторско движење кое настојува одново да ја открие традицијата.
М. Костраки: И јас, израсната во духот на западот, чувствувам дека откривам подлабоки аспекти на сопственото битие продирајќи подлабоко во нашите музички традиции. Како да го запознавам сопственото минато, а во продолжение и самата себе. Тоа е како да се создаваат мостови што те поврзуваат со музиката на денешницата.

Како функционира уметничката соработка меѓу вас?
А. Сусамоглу: Мариа ја носи главната тежина на протагонистичка улога во ансамблот. Таа е онаа која ќе ги отелотвори сите улоги во песните и ќе се „преобразува“ од една епоха во друга. Мојата улога е да ја обликувам средината на оваа музичка нарација, да ги изберам сценографијата и костимите. Секој член на ансамблот внесува посебна карактеристика во групата.
Костас Макријанакис има огромно искуство во светот на барокното пеење, но и во world music. Димитрис Витис е класичен тапанар во Државниот оркестар на Солун, но истовремено се движи со голема вештина низ широк спектар музички стилови – од античката грчка музика до рок. Динос Манос е еден од водечките грчки контрабасисти, како во џезот, така и во класичната музика, бидејќи и тој е дел од Државниот оркестар на Солун. На крајот, Григориос Симадопулос е еден од најзначајните џез-пијанисти во Грција, кој истовремено има огромно искуство и во грчката музика.
Секој концерт е жива кореографија меѓу класичната музика и импровизацијата.
Имате големо искуство со концерти во странство. Како го избирате репертоарот и до кој степен вашиот избор зависи од земјата и публиката пред која настапувате?
М. Костраки: Секако дека основата на нашиот мозаик е конкретен, но секогаш постои одредена флексибилност во зависност од публиката во секоја земја, со цел да се постигне најдобрата можна комуникација со неа. Музиката е универзален јазик, но во нашите срца секогаш постојат композиции што „зборуваат“ подлабоко или ни овозможуваат повеќе да се „поврземе“ поради заедничките искуства и музичките спомени. Затоа, би рекла дека околу 20 отсто од програмата се приспособува на пулсот на конкретната вечер, за да се врзе и да добие сопствен, личен карактер.

На 7 ноември за првпат ќе одржите концерт во Скопје. Како дојде до овој настап и која беше вашата прва реакција кога ја добивте поканата?
А. Сусамоглу: Иако ансамблот за првпат ќе настапи во Скопје, јас и останатите мои колеги од Државниот оркестар на Солун веќе неколкупати сме настапувале во градот. За мене, мојата прва посета беше во 2019 година, а ова ќе биде вкупно мојот четврти настап. Веќе имам и омилени места за јадење и прошетки.
Конкретната соработка се оствари по многу љубезната покана на Амбасадата на Грција, која е исклучително активна и многу се грижи за зајакнувањето на односите меѓу двата народа.
Чувствувам голема радост поради нашиот настап во Филхармонијата, бидејќи станува збор за прекрасна современа концертна сала со извонредна акустика.
Што може да очекува публиката на концертот во Скопје? Но, и што вие очекувате од публиката?
М. Костраки: Публиката можеби не треба да очекува ништо однапред, за заедно со нас, одново да го открие Медитеранот низ патеки по кои досега не чекореле! Сметам дека и љубителите на класичната музика и оние кои подобро ја познаваат традиционалната, грчката „ентехна“ музика или џез-музиката ќе пронајдат нешто познато, но истовремено ќе имаат можност да откријат и нешто ново.
Секако, грчката музика ќе има посебно место во нашата програма. Се радуваме што ќе настапиме пред културно и музички разнобојна публика и со нетрпение очекуваме лично да ја запознаеме.
Кои се вашите следни планови? Дали постојат некои нови соработки или музички насоки што би сакале да ги истражите?
А. Сусамоглу: Мозаикот само по себе подразбира создавање целина од различни парчиња. Затоа, по дефиниција, отворени сме за нови насоки. Ми се допаѓа мојата работа во Mosaico да ја споредувам со детенце кое меша бои и материјали за да види што ќе се случи, или со готвач кој комбинира различни состојки за да создаде нешто ново.
Веќе сме во фаза на подготовка на нашиот следен дискографски проект. По Италија, Франција и Шпанија, се подготвуваме да ја истражиме источната страна на Медитеранот.
М. Костраки: „Mosaico Mediterraneo“ е нераскинлив дел од уметничкиот идентитет на сите нас, но и живо место на средба на различни музички патеки. Паралелно со нашите активности во ансамблот, секој од нас развива значајно присуство и во други музички продукции и проекти. Токму таа творечка полифонија е она што го поттикнува и збогатува нашиот заеднички уметнички пат.

