Општина Делчево обезбеди над 40 милиони денари од Владата, преку Министерството за спорт, наменети за целосна реконструкција и ставање во функција на спортската сала во рамките на Спортско-рекреативниот центар во градоначалникот.
Со оваа инвестиција, по речиси две децении пропаѓање, објектот ќе прерасне во современа, функционална и репрезентативна спортска сала по сите европски стандарди.
Градоначалникот на Општина Делчево, Иван Гоцевски, денеска и официјално го потпиша Договорот за регулирање на меѓусебните односи со Министерството за спорт, со што и формално започнуваат процедурите за градежна реализација на овој капитален инфраструктурен проект.
Проектот има за цел целосно да го смени ликот на спортско-рекреативниот центар и предвидува доградба на недоизградените делови на постојниот објект, целосна реконструкција на внатрешната и надворешната инфраструктура на салата и обезбедување на сите неопходни приклучоци за непречено и долгорочно функционирање на објектот.
Градоначалникот Гоцевски истакна дека оваа инвестиција е директен одговор на долгогодишните барања на граѓаните на Делчево и претставува клучен чекор за иднината на локалниот спорт.
-Со обезбедените над 40 милиони денари започнуваме процес со кој, конечно, ќе го решиме прашањето на спортската сала која беше оставена скоро две децении да пропаѓа и да го нагрдува спортско-рекреативниот центар. Ова е голема и важна инвестиција за Делчево, но пред сè, инвестиција во нашите млади и во иднината на спортот во нашиот град. Со реконструкцијата ќе создадеме современи услови за сите генерации спортисти. Нашите спортски клубови, младите таленти и сите љубители на спортот заслужуваат простор во кој ќе можат да тренираат, да се натпреваруваат и да ги остваруваат своите амбиции – изјави Гоцевски.
Тој упати јавна благодарност до претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, и до министерот за спорт, Борко Ристовски, за нивната поддршка и успешна соработка во обезбедувањето на средствата, најавувајќи дека општината продолжува посветено да работи на проекти кои оставаат трајна вредност за заедницата.
Со реализацијата на овој проект, Општина Делчево очекува значително да ги подобри условите за тренинг на локалните спортски клубови, да ја зголеми вклученоста на младите во спортски активности и да го поттикне развојот на здрави животни навики кај сите генерации граѓани.

