Обилните врнежи од дожд донесоа поволни услови за продолжување на есенската сеидба на житните култури, која годинава значително доцни поради сушата. Според првичните информации од терен, досега се посеани едвај околу 20 проценти од предвидените површини. Земјоделците сега чекаат почвата да се подисуши за да можат со механизација да влезат во нивите и да продолжат со подготовките за сеидба.
„Овие дождови се добредојдени. Сега треба да чекаме само почвата малку да се исуши и да почнеме со орање, бидејќи околу 80 проценти од површините сè уште не беа изорани“, вели заменик-претседателот на Асоцијацијата на земјоделците, Гоце Серафимов.
Иако до крајот на сеидбата има уште време, доцнењето може да се одрази врз квалитетот на лебното зрно. Дел од површините што нема да бидат засеани во овој период ќе мора да бидат пренаменети за пролетни култури. Од Асоцијацијата на земјоделци посочуваат дека за наредната година ќе бараат изедначување на субвенциите за јачменот и пченицата, бидејќи откупната цена на двете житни култури е иста.
„Да, побаравме да се воведе некоја интервентна мерка, меѓутоа за оваа година е завршено и ќе пробаме за наредната година. За 2026 година субвенцијата за сертифициран семенски и продаден производ изнесува околу 19.000 денари за пченицата и 13.000 денари за јачменот. Бараме да се изедначат субвенциите за јачменот и пченицата“, вели Серафимов.
Речиси сите површини предвидени за производство на житни култури се сеат наесен, бидејќи тогаш условите овозможуваат повисоки приноси. Сепак, домашното производство не ги задоволува целосно потребите на пекарската индустрија, поради што земјава и натаму увезува пченица од странство.

