По Гоце Делчев, Бугарија сака и Даме Груев да биде внесен во учебниците како борец за слободата на двете држави. Софија инсистирала веќе овој декември, 120 годишнината од смртта на македонскиот револуционер да биде одбележена заеднички.
Ова било едно од барањата на бугарската страна на средбата на Заедничката историска комисија во Скопје, на која освен за Даме Груев, не се постигнал договор ниту за тоа како ќе учат новите генерации за Охридската архиепископија. Детали од средбата објавија бугарските медиуми.
Но,затоа бугарските членови веднаш кренале глас за да се спротивстават на заедничко одбележување на отпорот против антисемитизмот, фашизмот и национал-социјализмот. Таква иницијатива дала македонската страна во историската комисија, која повеќе од очигледно не им се допаднала на Бугарите, па ја одбиле со објаснување дека тој отпор се одбележувал низ цела Европа.
- „Предлогот бил одбиен со образложение дека тој отпор се одбележува низ цела Европа и не треба да биде ограничен само на двете држави, како и дека Комисијата сè уште е фокусирана на прашања од 11 век,“ соопштиле за БТА од бугарскиот состав на историската комисија.
Софија во меѓувреме продолжува да си ги користи неразумните отстапки што на тацна им ги дадоа владите на СДСМ, предводени од Заев и Ковачевски. освен што не сака, како што велат, да се билатерализира одбележувањето на фашизмот и нацизмот, не сака ниту да чуе за посредници, во билатералниот спор со Македонија, за внес на Бугарите во Уставот. Шефицата на бугарската дипломатија, им порача на македонските владти да најдат друга поилитичка логика.
- „Не е типично да има посредник во разговорите помеѓу држава кандидат и држава членка под договор кој не е од двостран карактер, туку договори кои не се од билатерален карактер, туку се усвоени и одобрени на европско ниво. Тоа е бугарската позиција која продолжуваме да ја заштитуваме. Важно е од нивна странада се види подготвеност за политички наратив кој не е антибугарски, што досега беше главен. Се надеваме дека ќе ја пронајдат политичката логика и пристап што ќе им овозможи да го базираат своето членство на различна теза од антибугарската. Додека тоа не се случи дијалогот ќе оди многу тешко“ изјави во Парламентот Велислава Петрова-Чамова- Министерката за надворешни работи на Бугарија.
Македонската влада во септември побара помеѓу разговорите Скопје Софија да има претставник од Европската унија. Премиерот Мицкоски посочи дека за да има ефект од дијалогот, треба трета страна да ги слушне аргументите кои ги има Македонија па доколку не се издржани, тој рече подготвени сме да ги прифатиме аргументите на другата страна. Но тоа веднаш беше одбиено од Бугарија.
Францускиот предлог кој беше прифатен од коалицијата СДСМ-ДУИ ја условува Македонија со уставни измени да ги вметне Бугарите во Преамбулата на највискиот правен акт во државата. Од друга страна, сегашната влада бара гаранции дека Бугарија нема да поставува дополнителни услови за македонскиот евроинтегративен пат. Еден од предлозите е доколку се усвојат уставните измени, тие да бидат со одложено дејство, односно да почнат да важат откако земјава ќе стане членка на ЕУ. Се бара од Софија и почитување на пресудите од Судот за човекови права во Стразбур за македонското малцинство во Бугарија.

