Правата на македонското национално малцинство во Албанија и можностите за унапредување на соработката меѓу Македонското друштво “Илинден“-Тирана и Европскиот центар за прашања на малцинствата (ЕЦМИ). Тоа биле во фокусот на средбата на Никола Ѓурѓај, претседател на Македонското друштво “Илинден“-Тирана, со д-р Љубица Ѓорѓевиќ, виш истражувач и раководител на Одделението за правда и владеење при Европскиот центар за прашања на малцинствата (ЕЦМИ). Средбата се остварила во рамките на Дијалогот на Шлезвиг-Холштајн, посветен на зајакнувањето на општествената кохезија и заштитата на правата на малцинствата во Западен Балкан, објави македонскиот весник „Илинден“.
-За време на средбата беа разгледани состојбата и остварувањето на правата на националните малцинства, со посебен акцент на македонското национално малцинство во Република Албанија. Посебно внимание беше посветено на можностите за воспоставување и натамошно унапредување на соработката меѓу Македонското друштво “Илинден“-Тирана и Европскиот центар за прашања на малцинствата, како и на можностите за размена на искуства и заеднички активности во областа на заштитата на правата на националните малцинства, се наведува во објавата.
По повод средбата, Никола Ѓурѓај на д-р Љубица Ѓорѓевиќ и подарил примерок од македонскиот весник “Илинден“, наменет за библиотеката на Европскиот центар за прашања на малцинствата.
-Средбата претставуваше значајна можност за размена на мислења и искуства, зајакнување на меѓусебното разбирање и поттикнување на идната соработка, се додава за средбата објавена и на фејсбук профилот на Ѓурѓај.
Македонското друштво “Илинден“-Тирана продолжува со своите активности насочени кон заштитата и афирмацијата на правата на македонското национално малцинство во Република Албанија, зачувувањето на македонскиот национален идентитет, македонскиот јазик, културата и традицијата, стои во објавата. вг/
Фото: Македонски весник “Илинден”


