Големо поевтинување на горивата во Македонија. Дизелот поевтинува за пет и пол денари за литар и ќе чини 94,50 денари. Бензините поевтинуваат за седум денари, па така новата цена на безоловниот бензин од 95 октани ќе изнесува 86 денари, додека 98-октанскиот бензин ќе се продава по цена од 88 денари.
Според пресметките на Регулаторната комисија, референтните цени на светскиот пазар бележат намалување кај бензините за речиси 12,3%, кај дизелот за 6,7% и кај екстралесното масло за 7,8%. Истовремено, курсот на денарот во однос на доларот е понизок за 0,5%.
При формирањето на новите цени се применети и владината одлука за намалено ДДВ од 10% за еуродизелот, како и намалениот износ на акцизата од 4 денари за литар кај бензините и дизелот, информираат од Регулаторната комисија.
„Со оваа одлука се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 7,51% во однос на малопродажните цени на нафтените деривати утврдени согласно одлуката за утврдување на највисоки малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт“, велат од Регулаторна комисија за енергетика.
Намалувањето на цените следи и по падот на цените на светските берзи, откако американскиот претседател Трамп најави дека многу малку е веројатно да нареди нови напади врз Иран.
Нафтата брент падна под 100 долари за барел. Во меѓувреме, глобалната понуда на нафта повторно ја надминува побарувачката. Ова се должи на закрепнувањето на залихите на Блискиот Исток, зголемувањето на производството и слабата побарувачка.
Македонија засега и понатаму останува држава со најниски цени на горивата во регионот. Од Владата, за дополнителна стабилност на домашниот пазар, најавија и рестартирање на рафинеријата ОКТА. Во овој потег се гледаат нови можности, имајќи предвид дека истата одамна претставува неискористен економски потенцијал за државата.

