Собраниска делегација во состав од пратениците Павле Арсоски, Муса Џафери и Димитар Ковачевски учествуваше на Интерпарламентарната конференција за Заедничката надворешна и безбедносна политика и Заедничката безбедносна и одбранбена политика (ЗНБП/ЗБОП), што се одржа во периодот од 4 до 6 ноември во Даблин, Ирска.
Во фокусот на конференцијата, како што соопшти собраниската прес-служба, биле приоритетите и стратегиите за заедничката надворешна, безбедносна и одбранбена политика, војната во Украина, како и состојбите на Блискиот Исток и европскиот одговор на ескалацијата на геополитичките тензии и нарушувањето на меѓународното право. Посебна сесија била посветена на одбраната на демократијата, со акцент на хибридните закани, заштитата на критичната инфраструктура и јакнењето на општествената отпорност.
На конференцијата обраќање имаше шефот на македонската делегација, пратеникот Павле Арсоски, кој истакна дека Европа не може да биде безбедна сè додека е поделена, нагласувајќи дека проширувањето на ЕУ не е услуга, туку стратешка инвестиција во безбедноста на целиот континент.
Во контекст на приоритетите на ирското претседавање, како што е наведено во соопштението, тој посочил дека Македонија постигнала целосно усогласување со Заедничката надворешна и безбедносна политика и Заедничката одбранбена и безбедносна политика на ЕУ и дека учеството на земјата во мировните мисии и операции на ЕУ, како и во силите за брзо реагирање на Унијата, потврдува дека Македонија е сигурен и одговорен европски безбедносен партнер.

Осврнувајќи се на процесот на пристапување кон ЕУ, Арсоски истакнал дека напредокот на земјава треба да се оценува врз основа на постигнатите резултати, без политизирање на историските прашања и билатерални условувања и оти двојните стандарди не ја штитат процедурата, туку го нарушуваат нејзиниот интегритет и ја поткопуваат довербата во Унијата.
Арсоски заклучил дека државава со својата доследна посветеност и конкретен придонес кон европската безбедност покажува дека европските вредности се потврдуваат преку дела, а не само преку декларативни заложби. Во таа насока порачал дека е време ЕУ да ја препознае и вреднува посветеноста на земјите кои активно придонесуваат за одбраната на европската безбедност и стабилност.
На темата „Одбрана на демократијата – хибридни закани, критична инфраструктура и општествена отпорност“ се обратил и пратеникот Ковачевски, кој истакнал дека современите предизвици за демократијата не се ограничени само на државните граници, туку сè повеќе ги засегаат институциите, дигиталниот простор и општеството во целина.
Тој нагласил дека справувањето со хибридните закани претставува стратешка неопходност за земјава како членка на НАТО и земја кандидат за членство во ЕУ, при што безбедноста, демократската стабилност и довербата на граѓаните се меѓусебно неразделни. Во таа насока, ги посочил конкретните активности, меѓу кои законските решенија за проверка на инвестициите во критичните сектори, со цел економската отвореност да не биде на штета на националната безбедност, како и инвестициите во државен дата-центар за обновување на податоците и обезбедување континуитет и отпорност на дигиталната инфраструктура.
Ковачевски потенцирал дека законската регулатива и технолошките решенија сами по себе не се доволни за заштита на демократијата, туку се неопходни и силни институции, информирани граѓани, независни медиуми и капацитети за препознавање и спротивставување на дезинформациите.

