Жестока конкуренција за Алта банка Битола. Откако почнаа состаноците на гувернерот Славески со заинтересираните банки, се поизвесно е дека ќе има сериозна битка за банката која од она што досега се знае очигледно дека е во солидна кондиција. Фактот дека во игра се шест заинтересирани банки и финансиски друштва само потврдува дека приказната во Србуија нема каква било поврзаност со Македонија. Со дел од заинтерсираните, Народната банка веќе ги завршила разговорите. Во јавноста како најсериозни кружат имињата на една австриска и една словенечка банка. Барем една од нив е во Топ 3 најголеми банки во земјава. Меѓу заинтересираните има и финансиски друштва кои сакаат да ја прошират дејноста. Гувернерот Славески не посочи дали сите овие 6 банки се веќе присутни на пазарот во Македонија или пак има нови кои за првпат би почнале да работат во државава. Нема ниту информација дали е поднесена формална понуда.
Планот е битолската Алта банка да се продава на берза кон крајот на месецов или почетокот на декември. Народната банка на стартот на минатата недела побара од српската Агенција за осигурување на депозити да одговори дали ќе ги отуѓи акциите на Алта банка Белград во Алта банка Битола. Оваа недела истекуваат 10-те дена во кој тамошната Агенција треба да се изјасни. Оттаму засега нема потврден одговор. Ако ова не се промени, Гувернерот во рок од 8 дена донесува решение за спроведување на продажба на акциите во име на акционерот. Следат неколку дена за лиценцирање на учесниците на аукцијата, по што ќе има и јавно наддавање.
Засега не се знае по која цена ќе бидат понудени акциите. Последен пат на Македонската берза се тргувало со акциите на Алта банка Битола на 19-ти октомври по цена од 3.777 денари за акција. Кога пред една година Алта банка Белград купи 88% од акциите на тогашната Стопанска банка Битола, за тоа искешира 22,8 милиони евра.

